Историското зголемување на воените трошоци на Германија внимателно се следи во Франција, каде што, покрај одредено олеснување, расте и загриженост дека политичкото и безбедносното тежиште на Европа постепено се поместува кон Берлин.
Германската влада се обврза да инвестира повеќе од 500 милијарди евра во одбраната до 2029 година, со што ќе го достигне новиот целен праг на НАТО од 3,5 проценти од БДП, и тоа шест години пред предвидениот рок. Иако во Брисел и во седиштето на НАТО ваквиот потег се поздравува како неопходен чекор за европската безбедност, во дел од европските престолнини повторното зајакнување на Бундесверот предизвикува нови дилеми.
Во Франција, единствената нуклеарна сила во Европската Унија, ставовите се поделени. Од една страна, се поздравува фактот што Германија презема поголем дел од безбедносниот товар, но од друга, постои страв дека германската воена индустрија би можела да го засени францускиот одбранбен сектор. Француски функционери предупредуваат дека ваквиот развој може да ја ослабне геополитичката позиција на Париз.
Францускиот европратеник Франсоа-Ксавие Белами оцени дека Франција се наоѓа во „кревка состојба“, нагласувајќи дека германската решителност создава динамика во која Париз ризикува да биде оставен на маргините. Според него, слабостите на внатрешен план директно се одразуваат врз меѓународното влијание на земјата.
Според анализите на German Marshall Fund, Европа со децении функционирала врз неформална поделба на улоги – Франција како геополитичка и воена сила, а Германија како економски мотор. Со сегашното забрзано наоружување, Германија почнува да ја обединува и економската и безбедносната моќ, што создава нервоза кај француските елити.
Под водство на канцеларот Фридрих Мерц, Германија ги укина строгите ограничувања за задолжување во областа на одбраната со цел побрзо јакнење на воените капацитети и одвраќање на Русија. Иако и Полска, балтичките земји и нордиските држави значително ги зголемуваат своите воени буџети, ретко која земја може да се мери со темпото и обемот на германските инвестиции.
Во исто време, одредени тензии се појавуваат и околу заедничките европски одбранбени проекти. Франција изрази незадоволство од германската иницијатива за европски противракетен штит, како и од претходната одлука за купување американски борбени авиони F-35. Дополнително, најамбициозниот европски проект – развојот на борбен авион од шеста генерација – е во застој поради несогласувањата меѓу Dassault Aviation и Airbus.
