Членка на германската коалициона влада, Христјанско-социјалната унија (CSU), која го покрива Министерството за внатрешни работи, сака во 2026 дополнително да ја заостри миграциската политика, вклучувајќи зголемено враќање на бегалци во Сирија и Авганистан.
Намалувањето на нерегулираниот прилив на мигранти и зголемувањето на бројот на депортации е еден од приоритетите на коалиционата влада на канцеларот Фридрих Мерц, која во мај ја презеде власта.
Планирана „офанзива на депортации“ кон Сирија и Авганистан
„Во 2026 мораме да започнеме офанзива на депортации со редовни летови, и кон Сирија и кон Авганистан“, стои во документот што клубот на CSU го подготви за претстојниот партиски конгрес.
Се наведува дека од крајот на граѓанската војна во Сирија „веќе нема причина“ стотици илјади сириски бегалци да остануваат во Германија, бидејќи тие „се потребни на својата татковина“.
Построги услови за престој на бегалците
CSU укажува дека се зголемува бројот на оние кои во Сирија „одат на одмор“ и за овие лица се бара „итно укинување“ на дозволата за престој во Германија.
За оние кои ќе се противат на враќањето, треба „во најкраток можен рок“ да се организира депортација, стои во документот.
CSU се залага и за ограничувања за бегалците од Украина и граѓаните на Европската унија кои доаѓаат во Германија за социјални права.
„Ќе продолжиме да вршиме притисок врз украинските војници кои се наоѓаат во Германија да ја исполнат својата обврска за одбрана на Украина“, велат од партијата.
Промена на правилата за работна миграција
За граѓаните на ЕУ кои се доселуваат во Германија, CSU се залага за промена на правилото според кое е доволно да се работи само 5,5 часа неделно за да се стекне право на престој во Германија.
„Работната миграција кон Германија не смее да се претвори во миграција на сиромаштија и да се оптоваруваат германските социјални системи“, рече шефот на клубот на пратеници на CDU/CSU, Александер Хофман, за дневникот Muenchener Merkur.
Предизвици во спроведувањето на депортации
Федералниот министер за внатрешни работи, Александер Добриндт од CSU, е најсилниот застапник на построга миграциска политика.
Подобра контрола на границите и интензивирани депортации започна претходната влада предводена од социјалдемократите, но депортациите често не успеваат поради несоработка на земјите кон кои се враќаат мигрантите.
Владата во Берлин неодамна интензивно преговара со земји како Авганистан и Сирија. Во декември, за првпат од 2011, еден осуден Сиријец е депортиран во земјата на потекло.
