Германија ја пушти во работа првата AI-фабрика: Моќен чекор кон европска дигитална сувереност

Во Минхен е отворена една од најголемите AI-фабрики во Европа, со цел ЕУ да ја зајакне дигиталната сувереност и да ја намали зависноста од странски технолошки гиганти.

Германија официјално ја отвори првата национална AI-фабрика, еден од најголемите центри за вештачка интелигенција во Европа, со што земјата и Европската Унија прават значаен чекор кон дигитална сувереност и намалување на зависноста од странски технолошки провајдери.

Објектот, наречен „Industrial AI Cloud“, беше претставен во Минхен, а е развиен од Deutsche Telekom во партнерство со NVIDIA и операторот на дата-центри Polarise. Проектот е реализиран за околу шест месеци и е наменет за компании, истражувачи и јавни институции, при што сите податоци и операции остануваат под германска и европска јурисдикција.

Моќна инфраструктура под европски правила

AI-фабриката располага со речиси 10.000 NVIDIA Blackwell графички процесори, кои обезбедуваат до 0,5 exaFLOPS компјутерска моќ – доволно, според Telekom, сите 450 милиони граѓани на ЕУ истовремено да користат AI-асистент.

Клучен елемент на проектот е строгото почитување на ЕУ и германските правила за заштита на податоците, што ја зацврстува идејата за суверена европска дигитална инфраструктура.

„Инвестираме во вештачка интелигенција, во Германија како бизнис-локација и во Европа. Со ова докажуваме дека Европа може да развива сопствена AI“, изјави извршниот директор на Deutsche Telekom, Тим Хетгес.

Поддршка од владата и индустријата

Германскиот вицеканцелар и министер за финансии Ларс Клингбајл оцени дека проектот покажува оти приватните инвестиции ја следат политичката амбиција, нагласувајќи дека технолошкото лидерство мора да биде основа на идниот економски модел на Германија.

AI-фабриката е дел од т.н. „Deutschland stack“, развиен заедно со SAP, кој обединува cloud-инфраструктура, деловен софтвер и AI-алатки во една платформа за компании и јавниот сектор.

Фокус на индустриска примена и одржливост

Германскиот технолошки гигант Siemens веќе интегрира дел од своето портфолио за симулации во новата платформа. Според членот на управата на Siemens, Седрик Најке, системот драстично го скратува времето за индустриски симулации и веќе носи реални резултати.

Проектот има и силна еколошка компонента – работи целосно на обновлива енергија, користи речна вода за ладење и планира повторна употреба на отпадната топлина за снабдување на делови од Минхен.

„Industrial AI Cloud“ веќе е отворен за индустријата, стартапите, научните институции и јавните власти, со амбиција да стане клучен столб на европската AI-екосистема.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни