Германија ја погоди нов бран на птичји грип– уништени над 400.000 птици

Нов бран на птичји грип ја погоди Германија. Повеќе од 400.000 птици се уништени на 30 фарми, а експертите предупредуваат на раст на случаите и повисок ризик од ширење преку диви птици.

Германија повторно се соочува со епидемија на птичји грип, поради која се уништени повеќе од 400.000 кокошки, патки, гуски и мисирки на повеќе од 30 комерцијални фарми, соопшти во вторник Германскиот институт за здравје на животните „Фридрих-Лефлер“ (FLI).

Според Институтот, мерките се преземени за да се спречи понатамошно ширење на високо заразниот вирус, но експертите предупредуваат дека во наредниот период се очекува нов пораст на случаите.

Директорката на FLI, Криста Кин, потсети дека слична ситуација имало и во 2021 година, кога бројот на уништени животни бил речиси идентичен — што ја направи таа година една од најтешките во борбата против оваа болест.

„Невозможно е прецизно да се предвиди како ќе се развива ситуацијата, но очекуваме понатамошен раст на епидемиите. Состојбата останува многу динамична,“ изјави Кин, пренесува агенцијата DPA.

Најмногу случаи се регистрирани во североисточните покраини Мекленбург-Западна Померанија и Бранденбург, каде што се уништени речиси 150.000 кокошки носилки. Властите во Бранденбург најавија дека ќе бидат усмртени дополнителни 130.000 животни, поради нови потврдени инфекции.

Во повеќе други германски сојузни покраини превентивно се уништени илјадници птици, откако тестовите потврдиле присуство на вирусот H5N1. Заразата е откриена и кај диви птици, меѓу кои и журави (штркови). Досега се потврдени 65 случаи кај диви животни, но експертите веруваат дека вистинскиот број е многу поголем.

Иако ризикот за луѓето е низок, Кин предупреди дека опасноста од пренос преку диви птици и нивните измети останува висока. Граѓаните се повикуваат да избегнуваат контакт со угинати птици и да се држат подалеку од фарми со живина, бидејќи вирусот може да се пренесе и индиректно – преку обувки или опрема.

Експертите додаваат дека сезоната на миграција на птиците сè уште не го достигнала врвот, што значи дека ризикот од ширење на вирусот на фармите останува зголемен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни