Германија и Белгија јавно го осудија заканувањето на Унгарија дека ќе стави вето на европскиот заем за Украина, по повод четвртата годишнина од руската инвазија.
Јохан Вадефул, заедно со белгискиот министер за надворешни работи Максим Прево, на заедничка прес-конференција во Берлин ја искажаа „запреапастеноста“ од однесувањето на Унгарија, посочувајќи дека ова ја компромитира сопствената борба за слобода. „Унгарија мора да разбере дека трпението на другите земји членки брзо се истрошува“, рече Прево.
Европската унија планира да усвои дваесетти пакет санкции против Русија, како и европски заем од 90 милијарди евра за финансирање на воените и финансиските потреби на Украина во 2026 и 2027 година. Меѓутоа, близок сојузник на рускиот претседател Путин, унгарскиот премиер Виктор Орбан, го блокира проектот и бара Киев прво да ја обнови испораката на руска нафта преку нафтопроводот Дружба, оштетен во воздушните напади на Русија во јануари.
Прево додаде дека се свесни за чувствителниот период пред парламентарните избори во Унгарија на 12 април и дека користењето на судбината и потребите на Украина како „таоци“ претставува „црвена линија“. Тој истакна дека премиерот Орбан и претходно предизвикувал проблеми со ЕУ околу ова прашање.
Урсула фон дер Лајен, која во вторник беше во Киев, потврди дека ЕУ ќе го одобри заемот за Украина „на овој или оној начин“, без оглед на опструкциите од Будапешта.