Германија го нанесе првиот пораз на Португал на ЕП во ракомет

Ракометната репрезентација на Германија со минимална победа од 32:30 го совлада Португал и му го нанесе првиот пораз на Европското првенство, во драматичен натпревар одигран во Хернинг.
epa12671560 Germany's goalkeeper Andreas Wolff celebrates during the EHF EURO 2026 main round match between Germany and Portugal, in Herning, Denmark, 22 January 2026. EPA/Sebastian Elias Uth DENMARK OUT

Ракометната репрезентација на Португал го претрпе својот прв пораз на Европското првенство и тоа во четвртиот настап на турнирот, откако во првиот натпревар од втората фаза беше совладана од селекцијата на Германија.

По две победи и едно реми во почетната фаза, Португалците наидоа на силен германски отпор во натпревар во кој ниту една екипа во текот на целиот меч не успеа да создаде предност поголема од два гола.

Натпреварот понуди неизвесна борба. Во првото полувреме екипите постојано се менуваа во водство, додека во вториот дел Германија речиси постојано имаше минимална предност, а Португал упорно се обидуваше да остане во приклучок.

Клучната разлика ја направи голманот на Германија, расположениот Андреас Волф, кој забележа дури 13 одбрани. На спротивната страна, Густаво Капдевила и Педро Тоничер заедно имаа само шест интервенции, што се покажа како пресуден фактор во првиот натпревар од втората фаза, одигран во Хернинг и завршен со резултат 32:30 (11:11).

Отпорот на избраниците на Пауло Переира беше скршен во самата завршница. При резултат 31:30 за Германија, на 50 секунди пред крајот, селекторот Алфред Гисласон побара тајм-аут и подготви акција која неговите играчи ја реализираа беспрекорно. Лукаc Мертенс од крилната позиција втрча на линијата на пикер, доби прецизен пас и беше фаулиран при шут, што резултираше со седмерец и исклучување за португалската репрезентација.

И покрај обидите на Португалците да се вратат, од таква ситуација беше тешко да се очекува освојување бод, па Германија продолжува во таканаречената „група на смртта“ со четири бодови.

Резултати

Германија:
Волф 13 одбрани, Шпет без одбрана; Шлуроф 7 гола, Ушчинс 6, Лихтлајн 4, Цербе 4, Мертенс 3, Гола 2, Кнор 2, Кестер 1, Гргиќ 1.

Португал:
Капдевила 5 одбрани, Тоничер 1; Ф. Кошта 10 гола, М. Кошта 6, Фраде 5, Ареја 4, Салвадор 1, Силва 1, Невеш 1, Бранкињо 1, Брандао 1.

Група I – четврток

Германија – Португал 32:30 (11:11)
Шпанија – Норвешка (18:00)
Франција – Данска (20:30)

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни