Германија и Франција ги повикаа своите граѓани да не патуваат во Израел поради безбедносната состојба

Германија, Франција и Полска ги повикаа своите граѓани да не патуваат во Израел поради зголемените тензии со Иран. САД дозволуваат заминување на дел од дипломатскиот персонал.
Vienna International Airport from the Air Traffic Control Tower

Низа европски држави, меѓу кои Германија и Франција, во петокот ги повикаа своите државјани да се воздржат од патување во Израел поради влошената безбедносна ситуација поврзана со тензиите со Иран. На оние што веќе се наоѓаат таму им е препорачана максимална претпазливост.

Германското Министерство за надворешни работи силно им препорача на своите граѓани да не патуваат во Израел, во услови на зголемени закани од можни напади врз Иран и страв од поширока регионална ескалација.

„Патувањето во Израел и источен Ерусалим силно не се препорачува“, се наведува во ажурираното соопштение објавено на официјалната веб-страница на министерството.

Француското Министерство за надворешни работи исто така ги повика своите државјани да не патуваат во Израел и на Западниот Брег. Париз дополнително апелираше да се избегнуваат протести и јавни собири и граѓаните да се информираат за најблиските засолништа.

Полското Министерство за надворешни работи ги повика своите граѓани да го напуштат Иран, Израел и Либан, оценувајќи дека безбедносната состојба на Блискиот Исток е нестабилна и дека ризикот од ескалација е висок. Во соопштението беше посочено дека воздушниот простор за цивилен сообраќај може да биде затворен, што би го отежнало или оневозможило враќањето со авион.

САД дозволуваат заминување на дел од дипломатскиот персонал

Соединетите Американски Држави ќе им дозволат на дел од владините службеници и нивните семејства да го напуштат Израел од безбедносни причини, соопшти американската амбасада во Ерусалим.

На вработените им е оставена можност самите да одлучат дали ќе ја напуштат земјата. Според медиумски извештаи, амбасадорот Мајк Хакаби испратил интерна порака во која им советувал на оние што размислуваат за заминување тоа да го направат што е можно побрзо.

И покрај зголемените тензии меѓу Вашингтон и Техеран, од американска страна беше нагласено дека нема потреба од паника, но дека претпазливоста е неопходна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни