Двајца ирачки државјани беа уапсени во координирана полициска акција спроведена во пет германски градови, под сомнение дека биле членови на терористичката организација Исламска држава (ИСИС) во периодот од 2016 до 2017 година, соопшти Сојузното јавно обвинителство.
Приведени се Мутхана С. и Каис С. Ј., еден во градот Трир во сојузната покраина Рајналд-Пфалц, а другиот во Делбрик, Северна Рајна–Вестфалија. Акцијата ја спроведе Сојузната криминалистичка полиција (BKA).
Според истрагата, двајцата биле активни членови на ИСИС додека престојувале во Ирак. Каис С. Ј. работел во шеријатски комитет на организацијата, додека Мутхана С. делувал како борец. Апсењата се извршени врз основа на налог од Федералниот суд на правдата, издаден на 24 ноември.
Осомничените веќе се изведени пред истражен судија, кој наредил притвор до почетокот на судскиот процес.
Рации во пет градови
Полицијата извршила претреси и во домовите на уште три други лица кои можеби биле поврзани со истрагата. Операцијата опфати локации во: Трир, Делбрик, Келн, Кемниц и Витмунд (Долна Саксонија).
Сојузното јавно обвинителство не откри детали за доказите што довеле до уапсите, ниту дали осомничените во моментов претставувале закана за германската безбедност.
