Германија води во нови капацитети за ветерници, остатокот од Европа зад очекувањата

Германија е предводник во Европа по нови инсталации на ветерни електрани во првата половина од 2025 година, иако вкупниот раст на континентот заостанува зад очекувањата, според податоците на индустриската асоцијација WindEurope.

Во Германија биле инсталирани ветерници со вкупен капацитет од околу 2,2 гигавати (GW) на копно и на море, што ја стави земјата на врвот на европската ранг-листа. Потоа следуваат Шпанија со 889 мегавати (MW) и Велика Британија со 760 MW.

Низ Европа, беа додадени 6,8 GW ветерен капацитет, од кои 5,3 GW во 27-те земји членки на Европската Унија, пренесе ДПА.

WindEurope претходно предвидуваше 22,5 GW нов ветерен капацитет за оваа година, но сега ја намали прогнозата на 19 GW. Организацијата како ограничувања ги наведе бавната електрификација, тесните грла во електромрежата, постојаните проблеми со дозволи, како и ограничената достапност на пристаништа и бродови.

Во иднина, WindEurope очекува ЕУ да достигне 344 GW инсталиран ветерен капацитет до 2030 година. Според прогнозите, обновливата енергија треба да сочинува 42,5 проценти од вкупната потрошувачка на енергија во ЕУ до таа година. За да се постигне оваа цел, ветерниот капацитет треба да се зголеми на 425 GW, наведуваат од организацијата.

Проектните планови генерално се исполнети, додаде WindEurope, изразувајќи очекување силниот раст да продолжи и по 2030 година.

Организацијата упати повик до владите да дадат приоритет на индустриската електрификација, проширувањето и модернизацијата на електромрежата, инвестициите во пристанишна инфраструктура и целосната примена на новите правила на ЕУ за издавање дозволи. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни