Во првата половина од 2025 година, Германија забележа драматичен пад на бројот на барања за азил – речиси 50% помалку во споредба со истиот период минатата година.
Според податоците до кои дојдоа германските медиуми, во периодот од 1 јануари до 30 јуни 2025 година биле поднесени вкупно 65.495 барања за азил. Весникот Welt am Sonntag, повикувајќи се на сè уште необјавени податоци од Европската агенција за азил (EUAA), го оценува ова како 43% пад во однос на претходната година.
Според BILD, бројот на првпат поднесени барања за азил изнесува 61.300. Само во јуни се регистрирани помалку од 7.000 нови барања – што е намалување од 60% во споредба со јуни 2024 и дури 70% во споредба со пред две години. Тоа претставува најниско ниво на месечни апликации од март 2013 година.
Внатрешниот министер Добринд: „Успех на новата миграциска политика“
Министерот за внатрешни работи, Александер Добринд од Христијанско-социјалната унија (CSU), го толкува овој тренд како доказ за ефикасноста на неговата рестриктивна миграциска политика.
Во интервју за BILD, Добринд изјави дека бројките се „јасен успех на пресвртот во миграцијата“ и најави продолжување на целосната реформа на системот за азил.
Сличен став има и европратеничката од Христијанско-демократската унија (CDU), Лена Дипонт, која за германските медиуми изјави дека партнерските договори со земји од Северна Африка одиграле клучна улога во намалувањето на азилантските апликации. Таа, исто така, ја истакна и зголемената соработка со агенцијата Frontex како фактор на успехот.
Европа: Германија повеќе не е на врвот
Според европските бројки, во првите шест месеци од 2025 година, најмногу барања за азил добила Шпанија – над 76.020. Следи Франција со 75.428, а потоа Германија со 65.495 барања.
Италија е четврта со 62.534, Грција петта со 27.718, додека Белгија примила нешто повеќе од 17.000 барања. На другата страна од спектарот се земјите со најстроги миграциски политики: Унгарија примила само 47 барања, Словачка 84, а Литванија 152.
Потекло на азилантите во Германија и ЕУ
Во Германија, најголем дел од барателите на азил се од Авганистан – околу 22%. Сириските државјани сочинуваат околу 20%, а турските околу 11%. Русите се петта најбројна група, со нешто над 3% од вкупните барања.
Во рамки на цела Европа (вклучувајќи ги и Норвешка и Швајцарија), околу 400.000 луѓе поднеле барање за азил во првата половина од 2025 година – што претставува пад од 23% во однос на истиот период лани. Најмногу апликанти доаѓаат од Венецуела (50.000), Авганистан (41.000) и Сирија (23.000).
Со овој тренд, Германија го напушта водечкото место како најчеста дестинација за азиланти во Европа, додека владата се пофали со „успешен пресврт“ во миграционата политика – успех што, сепак, останува предмет на контроверзии и поделени мислења.