Германија ги исклучи своите последни три нуклеарни реактори. Во саботата на 15 април се оствари долгогодишниот сон на Зелените. Германската министерка за животна средина Штефи Лемке (Зелени) ја заврши дебатата во Берлин на крајот на март, која ја држеше земјата во неизвесност со години.
„Кога сè е кажано и направено, ризиците од нуклеарната енергија не можат да се контролираат, и затоа прекинот на употребата на нуклеарната енергија ја прави нашата земја побезбедна, со што се избегнува понатамошно создавање нуклеарен отпад“, рече Лемке.
На тоа му претходеше бурна расправа. Владејачката коалиција на социјалистите (СПД), зелените и либералите (ФДП) во коалицискиот договор се согласи за постепено укинување на нуклеарната енергија, за што веќе беше одлучено во 2011 година.
Сепак воените случувања во Украина придонесоа за одложување на затворањето на последните нуклеарни реактори. Иако се планираше тоа да се случи до крајот на 2022 година, стравот од енергетска криза како последица на прекинот на испорака на руски гас за Германија ги помести роковите. Сојузниот канцелар Олаф Шолц на крај одлучи да го продолжи рокот на останатите реактори до средината на април 2023 година.
Нуклеарна енергија во Европа
Некои други европски земји беа побрзи во ова. Пионер беше Шведска, која реши да ги затвори своите нуклеарни централи веднаш по Чернобил. И Италија тогаш исто така одлучи да ги затвори последните две нуклеарни централи. Во Италија таа одлука е на сила до денес, додека во Шведска одлуката е прекината во 1996 година. Шест нуклеарни централи во Шведска денеска произведуваат околу 30 отсто од потребната електрична енергија.
Други европски земји, како Холандија и Полска, планираат да изградат нови реактори, додека Белгија го одложува планираниот излез. Со 57 реактори, Франција отсекогаш била водечка нуклеарна земја и има намера да остане таква. Од 27 земји на ЕУ, 13 сакаат да користат нуклеарна енергија во наредните години или дури и да ги прошират капацитетите. Сепак, многу експерти се сомневаат дека тоа ќе се случи.
Нуклеарна енергија низ целиот свет
Според податоците на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), во моментов во светот работат 422 нуклеарни реактори, чија просечна старост е околу 31 година. Сегашниот извештај на МААЕ вели дека не можеме да зборуваме за ренесанса на нуклеарната енергија.
За производството на електрична енергија во светот во нуклеарните централи, се вели: „Во 1996 година беше постигнат максимум од 17,5 отсто, во 2021 година оваа вредност првпат по четири децении падна под десет отсто“.
И Јирген Тритин тврди дека никој не сака да инвестира во нуклеарна енергија во голем обем „бидејќи нуклеарната енергија не е конкурентна“. Изградбата на нови нуклеарни централи е многу скапа и многу често се финансира од даноци. Дополнително, роковите одново и одново се пробиваат, а има голем отпор од граѓаните за нови проекти.
Азија го води патот
Нуклеарната енергија е сè уште популарна таму и има се повеќе планови за изградба на нови централи, и покрај Фукушима. И Јапонија планира да се врати на значително користење на нуклеарната енергија, и покрај земјотресот и цунамито во 2011 година, кои предизвикаа неколку нуклеарни реактори да експлодираат еден по друг. Тогаш беа затворени сите нуклеарни централи. Но, малку по малку, некои реактори се рестартираа.
„Мораме целосно да ја искористиме нуклеарната енергија“, е мотото на премиерот Фуми Кишида. На анкетите, по долги години отпор, тој став има се поголема поддршка од населението.
Сепак, најголеми планови имаат Кина, Русија и Индија. Така, на пример, Кина, каде практично нема граѓанско општество кое се бори со нови проекти, планира да изгради уште 47 нуклеарни централи. Таа земја веќе произведува повеќе нуклеарна енергија од Франција.