„Повторно мораме да работиме повеќе и, пред сè, поефикасно“, изјави Мерц, а оваа негова позиција ја поддржа и генералниот секретар на ЦДУ, Карстен Линеман, кој повика на поголем ангажман од граѓаните: „Нашата благосостојба и социјалниот систем зависат од нашата продуктивност.“
Флексибилно работно време наместо фиксен дневен лимит?
Според коалицискиот договор на владата (ЦДУ/ЦСУ и СПД), се размислува сегашниот модел со максимални 8 работни часа дневно да се замени со максимално неделно работно време – што би значело поголема флексибилност, особено за семејствата со деца или членови кои имаат потреба од нега. Исто така, се планира воведување на т.н. „активна пензија“, со цел да се зголеми продуктивноста на постарата популација.
Критики од синдикатите и стручната јавност
Плановите предизвикаа критики – особено од синдикатите и медицинските здруженија. Тие предупредуваат дека вакви промени би можеле дополнително да ги преоптоварат вработените. „Осумчасовниот работен ден е законска заштита што не треба да се укинува“, соопшти лекарската асоцијација Марбургер Бунд.
Недоволна грижа за семејствата
Критичарите истакнуваат дека многу жени работат со скратено работно време поради недостиг на услуги за згрижување деца. Социјалдемократите од СПД ја поддржуваат идејата за поголема флексибилност, но предупредуваат дека не треба да се обвинуваат граѓаните за „мрзеливост“, туку да се зголеми општествената солидарност и да се обложи повеќе на високите приходи преку фер оданочување и социјални придонеси.
„Наместо да ги намалуваме даноците за најбогатите, мора повеќе да ги растеретиме оние што напорно работат, а имаат ниски и средни приходи“, изјави шефот на СПД, Ларс Клингбајл.
Целта: економски раст и стабилни работни места
Клингбајл најави и мерки за намалување на цените на енергијата и одржување на стабилни придонеси за социјално осигурување. Но предупреди дека само со структурни реформи може долгорочно да се обезбеди стабилност во системот на здравство и грижа.