Германија се откажува од ставот на Ангела Меркел: Ја укинува забраната за нуклеарна енергија

Промената на ставот на Германија кон нуклеарната енергија е дел од напорите на Мерц да ја оживее француско-германската соработка, која е клучна за донесување важни одлуки на ниво на ЕУ, а која беше во застој за време на поранешниот канцелар Олаф Шолц.

Германија се откажа од своето долгорочно противење на нуклеарната енергија, што претставува значаен чекор кон приближување на новата влада на канцеларот Фридрих Мерц кон Франција. Берлин му сигнализираше на Париз дека повеќе нема да ги попречува француските иницијативи за еднакво третирање на нуклеарната енергија со обновливите извори во законодавството на Европската Унија, пренесува Financial Times, повикувајќи се на изјави на француски и германски претставници.

Оваа одлука го разрешува долгогодишното недоразбирање меѓу двете земји, што го отежнуваше донесувањето одлуки за енергетската политика на ЕУ, особено за време на кризата предизвикана од руската инвазија на Украина.

– Германија ни порачува: ќе бидеме многу прагматични во врска со нуклеарната енергија – изјавил висок француски дипломат вклучен во преговорите. Тоа значи дека „сите предрасуди против нуклеарната енергија, кои сè уште постојат во законодавството на ЕУ, ќе бидат отстранети“.

– Ова ќе претставува радикална промена на политиката – изјавил германски претставник.

Нуклеарно одвраќање за Европа

Овој пресврт доаѓа во момент кога Мерц се обидува да ја зајакне соработката со Франција со цел Германија да стане дел од францускиот нуклеарен штит како заштита од можна руска агресија.

– Сега конечно сме отворени за разговори со Франција за нуклеарно одвраќање за Европа. Подобро подоцна отколку никогаш – додал истиот германски претставник.

– Тоа е добредојдено приближување кое ќе ги олесни енергетските прашања во ЕУ. Политички гледано, Мерц исто така размислува за нуклеарен чадор – изјавил Гунтрам Волф, виш соработник во тинк-тенкот Bruegel.

Промената на ставот на Германија кон нуклеарната енергија е дел од напорите на Мерц да ја оживее француско-германската соработка, која е клучна за донесување важни одлуки на ниво на ЕУ, а која беше во застој за време на поранешниот канцелар Олаф Шолц.

– Кога Франција и Германија ќе се договорат, на Европа ѝ е многу полесно да напредува. Иако и понатаму постојат бројни предизвици, верувам дека ова прашање ќе биде решено – изјавил Ларс-Хендрик Релер, професор на бизнис школата ESMT од Берлин и поранешен главен економски советник на поранешната канцеларка Ангела Меркел.

Мерц, кој победи на изборите во февруари, ја критикуваше одлуката од 2011 година за напуштање на нуклеарната енергија донесена под водство на Ангела Меркел, тврдејќи дека Германија со тоа изгубила пристап до евтина и сигурна енергија.

Ентузијазам за нуклеарна енергија

Тој исто така го критикуваше Шолц за затворањето на последните три нуклеарни централи во Германија среде високи цени на енергијата. Иако не планира повторно отворање на старите нуклеарни централи, Мерц вети инвестиции во нови технологии, како што се мали модуларни реактори и нуклеарна фузија, која не создава долготраен нуклеарен отпад.

Новото француско-германско партнерство во енергетиката е поттикнато од растечкиот ентузијазам за нуклеарна енергија по рекордните цени на гасот предизвикани од војната во Украина.

Со овој потег, Австрија останува единствената членка на ЕУ која и понатаму силно се спротивставува на нуклеарната енергија. Земји како Холандија и Белгија ја обновија поддршката за нуклеарна енергија, и покрај претходните планови за затворање на реакторите.

Во писмо испратено до Европската комисија во петокот, кое го прегледал Financial Times, министрите од 12 земји членки на ЕУ со нуклеарни реактори нагласиле дека е „од клучно значење“ да се признае „комплементарната природа на нуклеарната и обновливата енергија“.

Тие повикаа на ревизија на истражувањата за нуклеарниот сектор на ЕУ за да се овозможи државна помош за нуклеарни проекти и да се испрати „јасна порака“ до компаниите и инвеститорите за придобивките од нуклеарната енергија.

Германија, која минатата година доби повеќе од 60 отсто од својата електрична енергија од обновливи извори, долго време се спротивставуваше на француските напори нуклеарната енергија да се означи како „зелена“. Франција, пак, околу 70 отсто од својата електрична енергија ја добива од нуклеарни централи.

Дел од загриженоста на Берлин произлегуваше од стравувањето дека француската индустрија ќе добие конкурентска предност благодарение на својата флота од 56 реактори, додека германската индустрија сè уште трпи последици од високите цени на гасот по прекинот на испораките на руско гориво.

Нискојаглеродни извори на енергија

Прашањето беше и идеолошко во Германија, каде што Зелените – партија против нуклеарната енергија – беа дел од владата на Шолц.

Затегнатите односи доведоа до долги расправи за вклучување на терминот „нискојаглероден“ – често користен како синоним за нуклеарна енергија – во законите на ЕУ, особено оние кои се однесуваат на обновливата енергија и производството на водород, кој Берлин го гледа како клучен за декарбонизација на германската индустрија.

– За да ја обезбедиме нашата енергетска сувереност, почитувајќи ги националните избори, повикуваме на укинување на секоја дискриминација на европско ниво против нискојаглеродните извори на енергија, без разлика дали станува збор за нуклеарна или обновлива енергија – изјави францускиот претседател Емануел Макрон за време на посетата на Мерц на Париз на 7 мај.

На пример, новата позиција на Германија значи дека водородот произведен од нуклеарна енергија сега треба да се третира рамноправно со оној произведен од ветер или соларна енергија, додаде Макрон, пренесуваат медиумите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни