Германците се повнимателни во врска со своите планови за патување и одмор за време на зимските празници оваа година поради повисоките трошоци и економската неизвесност, според анкетата на YouGov нарачана од DPA.
Само 16 проценти од испитаниците имаат планови за зимски одмор, два проценти се уште неодлучни, а 81 процент немаат конкретни планови, според анкетата на YouGov спроведена од 8 до 10 декември.
Резултатите од анкетата сугерираат дека за повеќето Германци, зимските одмори се помалку важни од летните патувања оваа година, објавува DPA.
Анкетата, исто така, покажа дека 15 проценти од испитаниците планираат да ги намалат трошоците за одмор, а дополнителни 15 проценти ќе ги намалат своите активности за слободно време.
Околу една четвртина од испитаниците имаат намера да трошат помалку за одење во ресторани.
Половина од испитаниците немаат намера да ги намалат трошоците за активности за слободно време во текот на зимата, покажа анкетата.
Зимската сезона во Алпите започнува овој викенд, пред Божиќ, а намалената германска потрошувачка би можела да влијае на соседните земји, каде што Германците го сочинуваат мнозинството посетители во тој период од годината. Во Австрија минатата година, речиси половина од гостите на хотелите дојдоа од Германија, а во Швајцарија, околу 12 проценти од нив, според dpa.
Германските, австриските и швајцарските угостители сè уште сметаат на добра сезона, со оглед на поголемиот број гости во 2024 година.