Германците не се откажуваат од патувањата – расте интересот за Албанија и нови дестинации

И покрај економските предизвици, желбата на Германците за патувања останува непроменета. Ова го потврдуваат најновите податоци од туристичката индустрија, според кои летната сезона од мај до октомври 2025 година донесува 12% поголем приход во однос на претходната година, а бројот на патници е зголемен за 6%.

„Без разлика на економските и геополитичките предизвици – Германците патуваат! Чиниш, одморот е последното нешто на кое се подготвени да штедат“, истакна претседателот на Германското здружение на туристички агенции (DRV), Норберт Фибиг, на отворањето на Меѓународниот саем за туризам (ITB) во Берлин.

Најголем раст ова лето бележат аранжманите за источниот Медитеран, крстарењата и далечните патувања. Најпопуларни дестинации се Турција и Шпанија, со приходи од околу 1,2 милијарди евра, како и Грција, која генерира 1 милијарда евра. Се зголемува и интересот за подостапни дестинации како Тунис, Бугарија и Египет.

Еден од најголемите трендови оваа година е Албанија, која како партнер-држава на ITB, забележува раст од 36% во резервациите за летото. Иако вкупните приходи од туризмот таму сè уште се релативно ниски во споредба со другите медитерански земји, трендот покажува дека Албанија станува сè попривлечна за германските туристи.

Дополнително, забележлива е промената во навиките за резервации – Германците сè почесто резервираат однапред, а не во последен момент. Сепак, одржливиот туризам не е приоритет за повеќето патници – само 20% се подготвени да платат повеќе за еко-одговорни патувања, покажува истражување на германскиот автомобилски клуб ADAC.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни