Германците годинава се повнимателни со одморот: Сè почесто планираат пократки патувања

Во услови на економска неизвесност, германските туристи повнимателно го планираат одморот – секој петти има намера да патува помалку, а секој десетти да остане пократко.

Во време на инфлација и зголемени трошоци за живот, се повеќе Германци размислуваат како да штедат, па на удар се и одморите.

Според последното истражување на Здружението на туристички организации на Германија (BTW), дури 20 отсто од граѓаните планираат оваа година да патуваат помалку во споредба со лани, додека 11 отсто имаат намера да го скратат годишниот одмор.

Но, има и такви кои и покрај предизвиците и понатаму сакаат да уживаат во патувањето – 10 проценти од испитаниците велат дека планираат повеќе одмори и ќе одвојат поголем буџет за нив, пренесува агенцијата ДПА.

Интересно е што екстремните временски услови, како рекордните горештини и шумските пожари кои изминатото лето зафатија многу медитерански дестинации, не влијаеа значително на планирањето на одморот.

Повеќе од две третини од Германците сè уште го планираат својот летен одмор помеѓу јуни и септември.

Според податоците на Заводот за статистика на Германија, просечниот трошок за одмор во странство по лице лани изнесувал околу 1.300 евра, а годинава се очекува благо намалување на просечната потрошувачка, со поголема грижа во изборот на дестинации и должината на престојот.

Сепак, експертите од туристичката индустрија остануваат оптимисти, наведувајќи дека побарувачката се уште постои, но дека одлучувачки фактори годинава ќе бидат флексибилноста, поволните цени и безбедноста.

Истражувањето опфатило повеќе од 2.000 полнолетни граѓани, од репрезентативен примерок на германската популација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни