„Таму каде што не сме“ – новата стихозбирка на Георги Господинов во издание на „Или-Или“

Стихозбирката на еден од највлијателните бугарски автори излегува утре од печат, во препев на Никола Маџиров и како дел од едицијата „Поеза“ на издавачката куќа „Или-Или“.

Издавачката куќа „Или-Или“ утре од печат ја издава стихозбирката „Таму каде што не сме“ од познатиот бугарски писател Георги Господинов, во препев на Никола Маџиров. Ова е дванесеттата книга во едицијата Поеза, а нејзиното објавување е поддржано од „Традуки“ и Министерството за култура.

По шест прозни изданија и една детска книга, ова претставува првата збирка поезија на Господинов што ја објавува „Или-Или“. Делото ги спојува меланхоличниот тон, интимната носталгија и филозофската едноставност што го карактеризираат авторот уште од неговите први стихови.

Георги Господинов (роден 1968, Јамбол) е еден од највлијателните современи бугарски писатели. По образование филолог и литературен историчар, тој својата кариера ја започнува како поет, а поезијата останува основниот јазик преку кој го изразува светот.

Неговата прва стихозбирка, „Лапидариум“ (1992), веднаш го привлече вниманието со лаконскиот и прецизен израз и со носталгичниот тон. Потоа следат „Црешата на еден народ“ (1996), „Писма до Гаустин“ (2003) и „Таму каде што не сме“ (2016).

Во македонското издание, покрај оригиналните песни, се вклучени и неколку досега необјавени стихови на Господинов, што му даваат на изданието дополнителна вредност и интимен белег.

Иако меѓународната слава ја стекна со романите „Физика на тагата“ и „Засолниште во времето“, Господинов никогаш не ја напушта поезијата. Во едно интервју тој ќе рече:

„Ја негувам онаа литература што се распаѓа. Што мириса на минато. На изгубени нешта. Тоа е поезијата.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни