Геополитиката доминираше на Самитот за проширување на ЕУ во Брисел

Во Брисел денеска се одржа Самитот за проширување на Европската Унија, организиран од телевизијата Euronews, на кој геополитиката беше во центарот на вниманието.

Лидерите од земјите кандидатки ги претставија своите европски амбиции како стратегиски избор за стабилност и просперитет во време на глобални кризи и растечки авторитаризам.

Настанот го отвори претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, кој порача дека проширувањето на Унијата е „најдобрата инвестиција во заедничката иднина“. „Европа не смее да стане музеј на минатата просперитетност“, истакна Кошта, нагласувајќи дека ЕУ мора да се прилагоди на новите геополитички реалности.

Од првите обраќања, Самитот ја истакна дилемата демократија или автократија. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој се приклучи преку видео-врска од линијата на фронтот, изјави дека европското членство претставува „безбедносна гаранција против руниот неоимперијализам“.

„Украина избра да биде дел од ЕУ поради вредностите на животот, слободата и демократијата. Затоа се бориме денес – за земјата, за домовите и за правата на нашата држава,“ рече Зеленски.

Претседателката на Молдавија, Маја Санду, повика ЕУ да ја исполни својата заложба за проширување, предупредувајќи дека одлагањето на процесот може да ја зголеми ранливоста на регионот кон авторитарни влијанија. „Не смееме да дозволиме некои држави да бидат злоупотребени од авторитарни режими против ЕУ,“ рече Санду.

Во своето видео-обраќање, премиерот на Албанија, Еди Рама, порача дека руската агресија врз Украина конечно го „разбуди Брисел“ и донесе нов импулс во европското проширување.

Во изминатите три години, Украина, Молдавија, Грузија и Босна и Херцеговина добија кандидатски статус, додека Северна Македонија и Албанија официјално ги отворија преговорите, а Црна Гора го зацврсти статусот на најнапредна земја во процесот.

Сепак, процесот е оптоварен со политички блокади. Унгарија го блокира отворањето на преговорите со Украина, додека Северна Македонија останува заглавена поради бугарските барања поврзани со историјата и јазикот.

Премиерот Христијан Мицкоски, во своето обраќање, ги нарече овие барања „вештачки спорови“ и „малтретирање“, нагласувајќи дека земјата, и покрај сите „понижувања и разочарувања“, останува посветена на европскиот пат. „Ако некој се дрзне да малтретира земја што сака да се приклучи, зошто другите би молчеле? Тоа не е нормално,“ рече Мицкоски, додавајќи дека верува во „повторното обединување на Европа“.

Самитот заврши со порака за потребата ЕУ да донесе геополитичка одлука и да го забрза процесот на проширување, како гаранција за европска безбедност и стабилност.

Извор: Euronews

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни