Геологот Јохан Клагес испратил порака во шише во Дрејковиот Пролив во февруари 2023 година, а таа е пронајдена повеќе од две години подоцна на западниот брег на Тасманија, соопшти Институтот Алфред Вегенер (AWI).
Клагес го фрлил шишето со порака во океанот за време на научна експедиција, сакајќи на своите деца, кои тој Божиќ го поминале без него, да им ја пренесе својата фасцинација со пораките во шише, пренесува германскиот медиум NDR. За пронаоѓањето бил известен по електронска пошта на 9 декември, откако претходно испратеното писмо било вратено како неиспорачано.
Пораката ја пронашол Тоби Реј, вработен во администрацијата на Тасманија, уште во август 2025 година, речиси случајно, на оддалечен и тешко пристапен дел од брегот. По неуспешниот обид да испрати писмо, Реј ја пронашол електронската адреса на Клагес и стапил во контакт со него.
Според Институтот Алфред Вегенер, пораката во шише има и значајна научна вредност. Се смета дека шишето патувало во насока на стрелките на часовникот околу Антарктикот, следејќи ја антарктичката циркумполарна струја, поминувајќи повеќе од 15.000 километри за период од најмногу 900 дена.
Тасмански океанограф сега планира да го моделира движењето на шишето од циркумполарната струја до брегот на Тасманија, а Клагес веќе стапил во контакт со него.