Генијална тактика: Сокол во САД користел семафор за полесно да дојде до плен

Птиците повторно не фасцинираат со својата интелигенција. Откако научивме дека врани користат алатки и паметат човечки лица, а свраки се препознаваат во огледало, нова студија открива дека сокол користел пешачки семафор како дел од својата стратегија за лов.

Истражувањето, објавено во научното списание Frontiers in Ethology, го спровел зоологот Владимир Динец од Универзитетот во Тенеси. Тој ја забележал оваа фасцинантна појава во урбано маало во градот Вест Орејнџ, Њу Џерси, каде што секојдневно ги проучува навиките на животните во градски услови.

Соколот чекал сигнал од семафорот

На една обична крстосница, соколот Куперов (Accipiter cooperii) чекал скриен во ниска крошна сè додека не се активира пешачкиот семафор. Кога пешак ќе го притиснел копчето, се слушал звучен сигнал, по што сообраќајот се забавувал и на улицата се формирал ред од автомобили – до самиот грм под кој соколот го вртел својот лов.

Динец забележал како соколот неколку пати по ред излетува од скривалиштето, прелетува низ редот автомобили и се нурнува во дворот на куќа каде семејството редовно вечерало на отворено. Остатоците од храна таму привлекувале мали птици како врапчиња и гулаби – совршен плен за соколот.

Соколот ги користел автомобилите како подвижен камуфлажен ѕид

Најимпресивниот момент од набљудувањето е што соколот не ловел на случајна основа, туку чекал да се формира колона од возила, што му овозможувало да им се приближи на помалите птици незабележано.

„Соколот ја сфатил поврзаноста меѓу звукот од семафорот и појавата на автомобили. Ги користел возилата како подвижен ѕид што го прикрива од погледите на пленот“, објаснува Динец во студијата.

Првпат документирано вакво однесување кај грабливки

Овој уникатен случај покажува дека соколот развил ментална карта на соседството и ги поврзал сообраќајните сигнали со шансите за успешен лов – нешто што досега не било документирано кај грабливки.

Соколот бил забележан и следната година, повторно користејќи ја истата стратегија. Но кога семејството се преселило и семафорот престанал да работи, птицата повеќе не била видена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни