Веројатно на повеќето луѓе им е позната сликата на висок, слаб човек, облечен во црни панталони и црна ролка. Неговиот препознатлив изглед и стручност го направија ликот на Стив Џобс икона во светот на модерната технологија.
Овој американски пронаоѓач, дизајнер и претприемач е најпознат како ко-основач, извршен директор и претседател на Apple и се смета за еден од највлијателните луѓе во светот на компјутерската индустрија и клучна фигура во револуцијата на персоналните компјутери.
Роден на денешен ден во 1955 година во Сан Франциско, Калифорнија, Џобс стана познат откако го основаше Apple Computer (сега познат како Apple Inc.) во гаражата на неговите родители во 1976 година заедно со друг Стив (Возниак). Нивниот прв производ, Apple I, беше успешен, но пробив на пазарот и надвор од границите на САД, направија со компјутерот Apple II.

Во текот на кариерата, Џобс постојано се поврзуваше со Apple, иако неколку пати заминуваше и се враќаше во компанијата. Во 1985 година тој го напушти Apple, ја основаше компанијата NeXT и го купи Pixar Animation Studios. Тој се врати во Apple во 1997 година како привремен извршен директор, а подоцна стана постојан извршен директор. Со текот на годините, Џобс остави значајна трага во развојот на Apple, трансформирајќи ја од мала стартап компанија во една од највредните технолошки компании во светот. Тој поседуваше уникатна способност да ги предвиди потребите на пазарот и да создава производи кои ќе ја револуционизираат индустријата.
Неговата визија беше да создаде уреди кои ќе бидат лесни за употреба, естетски привлечни и технолошки напредни. Под водство на Џобс, Apple лансираше серија производи кои го обезбедија својот иконски статус. Доволно е да се потсетиме на iMac (кој го оживеа брендот Apple во 1998 година), на iPod (кој беше лансиран во 2002 година и направи пресврт во слушањето дигитална музика), на iPhone ( лансиран во 2007 година, кој направи револуција во телекомуникациите) и на iPad (воведен во 2010 година, кој донесе нова категорија на компјутери на пазарот).

Иако Џобс не доживеа да го види денешниот развој на вештачката интелигенција, тој го истакна создавањето на интуитивна технологија насочена кон човекот. Со ова тој ги постави основите за интегрирање на вештачката интелигенција во секојдневниот живот. Еден од најдобрите примери е виртуелниот гласовен асистент на Apple Siri, претставен во 2011 година, кој им овозможи на корисниците да комуницираат со нивниот уред на најприроден можен начин и да добијат одговори на прашања користејќи вештачка интелигенција.
Стив Џобс почина на 5 октомври 2011 година на 56-годишна возраст по долга борба со ракот на панкреасот. Во 2022 година, постхумно беше одликуван со Претседателскиот медал на слободата, највисокото цивилно признание во САД.