Гените што ги наследуваме имаат значително поголемо влијание врз тоа колку долго ќе живееме отколку што досега се сметаше, покажува ново истражување објавено во научното списание Science. Според резултатите, генетскиот фактор може да објасни до 55 проценти од варијациите во должината на човечкиот живот.
Претходните истражувања проценуваа дека генетиката учествува со меѓу 6 и 33 проценти во одредувањето на животниот век. Новата анализа, спроведена од научници од Вајцмановиот институт за наука во Израел, значително ја зголемува таа проценка.
„Должината на животот несомнено е обликувана од повеќе фактори – начинот на живот, гените и, што е особено важно, случајноста“, вели Бен Шенхар, главен автор на студијата. Тој посочува дека дури и генетски идентични организми, одгледувани во слични услови, можат да умираат во различно време, што укажува дека не постои еден единствен одговор за долговечноста.
Целта на истражувањето била да се утврди колкав дел од разликите меѓу луѓето може директно да се припише на генетиката, а колкав на сите други фактори. „Нашата анализа покажа дека околу половина од влијанието доаѓа од гените, а другата половина од ‘сè останато’ – околината, навиките, здравствените ризици и непредвидливите настани“, објаснува Шенхар.
Истражувачкиот тим анализирал историски податоци од студии спроведени врз близнаци, но со важна методолошка корекција. Во многу од претходните анализи, како што наведуваат авторите, не биле земени предвид причините за смрт. Се споредувала само возраста во моментот на смртта, без разлика дали таа настапила поради природни причини, несреќи, насилство или заразни болести.
Таквиот пристап можел да создаде искривена слика за улогата на генетиката. На пример, ако еден близнак почине на 90-годишна возраст од природна смрт, а другиот на 30 години од заразна болест, тоа не мора да значи дека гените немаат значајно влијание врз долговечноста.
Во новата анализа, научниците ја земале предвид и зголемената ранливост на луѓето со возраста (особено на инфекции и падови) што овозможило попрецизна проценка. И по оваа корекција, резултатите покажале дека генетскиот состав придонесува со околу 50 проценти за очекуваниот животен век.
„Бројката до која дојдовме не е произволна“, нагласува Шенхар. „Ако ги погледнете студиите за наследност кај луѓето, без разлика дали станува збор за стареење, возраст на менопауза или други биолошки процеси, повторно ќе наидете на истата пропорција, околу 50 проценти.“
Тој посебно ги издвојува луѓето кои живеат повеќе од сто години. „Овие луѓе не стигнуваат едвај до стотата година. Тие имаат заштитни гени кои ги штитат од штетните последици на стареењето“, вели Шенхар, додавајќи дека токму овие генетски механизми би можеле да бидат клучни за идните истражувања за здраво и подолго стареење.
