Генерален штрајк во Белгија: над 100.000 луѓе протестираа во Брисел

Протестите против социјалната политика на владата го погодија транспортот, аеродромите, пристаништата и јавните служби.

Десетици илјади луѓе денеска излегоа на улиците на Брисел како дел од генерален штрајк против социјалната политика на белгиската влада, јавуваат белгиските медиуми.

Штрајкот и протестите беа организирани од трите најголеми белгиски синдикати, кои со месеци водат кампања против владините мерки за кои тврдат дека ги ослабуваат работничките права, пренесува агенцијата Белга.

Синдикатите бараат поголема сигурност на работните места, подобри услови за работа, повеќе простор за „вистински преговори за трудот“ со владата и подобри пензиски аранжмани.

„Жените работат две смени (една на работа и една дома) целиот живот, а сега федералната влада сака да им ги намали пензиите? Не е прифатливо“, изјави Ливеке Норга од синдикалниот сојуз ACV-Puls за весникот Brussels Times.

Според белгискиот весник, полицијата проценила дека на протестот присуствувале околу 80.000 луѓе, додека синдикалниот лидер на FGTB/ABVV, Берт Енгелар, тврди дека во Брисел се собрале повеќе од 100.000 демонстранти.

Демонстрантите се собрале кај железничката станица Брисел-Север околу 10 часот, од каде што еден час подоцна започнала протестната прошетка кон станицата Брисел-Миди. Протестот поминал мирно, но во динамична атмосфера.

Учесниците носеле бакли и транспаренти со пораки како „Доста со колењето на општеството“ и „Ви ги крадат и пензиите“.

Лидерот на синдикатот Енгелар предупреди дека растот на цените не го следи растот на платите.

„Индексирањето на платите не е само мала ставка во табела. Тоа е вистински живот. Цените постојано растат, а платите не ги следат. Манипулирањето со индексирањето значи манипулирање со достоинството“, изјави тој.

Генералниот штрајк значително го наруши функционирањето на јавниот живот во Белгија.

Аеродромот Завентем во Брисел ги откажа сите поаѓања, што погоди околу 42.000 патници. Во главниот град сообраќаа само две линии на метрото, а јавниот превоз беше прекинат во голем дел од јужната покраина Валонија.

Штрајкот влијаеше и врз поморскиот сообраќај. Рано утринава 73 бродови чекале во Северното Море за да влезат во фламанските пристаништа. Во Антверпен 39 бродови не испловиле навреме, а застој имало и во пристаништата Гент и Зебруге.

Нарушено било и функционирањето на белгиските затвори.

„Тоа значи дека нема посети, нема прошетки, нема можност за работа – само најнеопходните активности како итна медицинска помош“, изјави портпаролка на затворскиот систем за Brussels Times.

Засега не е познато колку точно затворски службеници учествуваат во штрајкот. Генералниот секретар на синдикатот ACOD, Роби Де Кеј, изјави дека многу работници се подготвени да штрајкуваат поради лошите услови за работа и пренатрупаноста во затворите.

Во протестите се вклучија и здравствени работници, кои предупредуваат дека намалувањето на инвестициите во јавните услуги и здравството може да го загрози пристапот до здравствена заштита и квалитетот на нега.

Од друга страна, здруженијата на работодавачи VBO и UNIZO го критикуваа штрајкот, оценувајќи дека протестите доаѓаат во чувствителен момент на геополитички тензии и војната на Блискиот Исток.

„Во ваков контекст демонстрациите се неразбирливи, а залагањето за статус кво е целосно неодговорно“, изјави генералниот директор на VBO, Питер Тимерманс.

И од UNIZO упатија слична порака, повикувајќи ги синдикатите наместо на штрајкови да се насочат кон преговори со владата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни