Генерација З ја губи способноста за рачно пишување – вештина стара 5.500 години

Нови истражувања откриваат дека 40% од Генерација З ја губат способноста за рачно пишување – вештина клучна за меморија, разбирање и лична комуникација. Што значи ова за иднината?

Рачното пишување, кое веќе 5.500 години е еден од темелите на човечката комуникација и пренос на знаење, денес се соочува со сериозна закана – младите од Генерација З полека ја губат оваа клучна вештина.

Според истражувањата на Универзитетот во Ставангер, околу 40% од младите родени помеѓу крајот на 1990-тите и почетокот на 2010-тите имаат намалена способност за комуникација преку рачно пишување. Тоа покренува сериозни прашања за иднината на нашето писмено изразување и начинот на кој размислуваме.

Дали Генерација З веќе не знае да пишува со рака?

Дигиталната технологија драстично го измени начинот на комуникација. Од пораки на мобилен до социјални мрежи, младите денес претпочитаат кратки изрази, емотикони и акроними. Тастатурата и екранот на допир ја заменија хартијата и пенкалото – не само во секојдневието, туку и во образованието.

Некои експерти дури сметаат дека Генерација З би можела да биде првата генерација што нема да ја владее рачната писменост на функционално ниво.

Рачното пишување и неговата важност за мозокот

И покрај технолошкиот напредок, рачното пишување игра важна улога во когнитивниот развој – помага во запомнување, разбирање и концентрација, бидејќи активира различни делови на мозокот од оние што се активираат при куцање на тастатура.

Сепак, токму оваа вештина – што ја обликувала цивилизацијата – сега се губи, потисната од брзината и едноставноста на дигиталната комуникација.

Последици за глобалната комуникација

Истражувања и сведоштва од професори, објавени и во турскиот весник Türkiye Today, покажуваат дека многу млади денес се збунети кога треба да пишуваат со рака. Универзитетските професори забележуваат студентите не знаат основни правила на рачно пишување, избегнуваат долги реченици, ретко пишуваат цели пасуси и доаѓаат на предавања без пенкала – целосно зависни од тастатура

Професорката Недрет Киличери вели дека ова е директен резултат на влијанието на социјалните мрежи и навиката за кратка, неформална комуникација.

Рачното пишување како личен израз

Рачното пишување не е само средство за пишување писма или разгледници – тоа е начин на мислење. Рачно напишаниот текст носи личен печат, размислување и внимание, наспроти импулсивноста и површноста на дигиталниот текст.

Ова може да влијае не само врз комуникацијата, туку и врз начинот на кој младите ја перципираат реалноста и градат односи.

Останува прашањето: Како ќе се балансира дигиталниот свет со старите, но суштински човечки вештини како рачното пишување? Одговорот ќе биде клучен за начинот на кој идните генерации ќе учат, комуницираат и се разбираат меѓусебно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни