Генерацијата Z урива власти во пет земји: што стои зад бранoт протести?

Младите од генерацијата Z беа клучната сила зад масовните протести што во 2025 година урнаа влади во пет земји. Корупцијата, невработеноста и колапсот на јавните услуги се главните причини за глобалниот бунт.

Масовни протести во Непал и Мадагаскар доведоа до пад на владите во текот на 2025 година, а младите демонстранти храбро се соочија со силно вооружена полиција, апсења и репресија. Иако 2025 често се нарекува „година на протестите“, многумина сметаат дека искрата беше револуцијата во Бангладеш во 2024 година, кога беше соборена долгогодишната авторитарна лидерка Шеик Хасина.

Иако не сите протести – од Шри Ланка до Источен Тимор – донесоа конкретни политички промени, тие имаа заеднички именител: генерацијата Z беше нивниот двигател, пишува The Guardian.

Генерацијата Z, составена од луѓе родени приближно меѓу 1997 и 2012 година, порасна во свет обележан од климатска несигурност, економска нестабилност и доминација на социјалните мрежи. Често нарекувана „генерација на анксиозност“, таа на глобалниот југ своето незадоволство го преточи во бунт против корупцијата, автократските режими и украдената иднина.

Како започна сè?

Во Того, младите излегоа на улиците откако беше уапсен рапер познат по критиките кон власта. Меѓу уапсените беше и Бертен Бандијангу, 25-годишен студент, кој и покрај апсењето и малтретирањето продолжи да протестира.

Во Кенија, протестите се надоврзаа на минатогодишниот бунт против зголемените даноци. Смртта на блогер во притвор, познат по критиките кон власта, повторно ги извади младите на улица.

Во Непал, демонстрациите во септември 2025 доведоа до пад на владата. Причините беа корупцијата, непотизмот и забраната на социјалните мрежи, кои младите ги користеа за разобличување на луксузниот живот на политичките елити.

Само еден месец подоцна, Мадагаскар ја доживеа истата судбина, владата падна под притисок на младите демонстранти, гневни поради системската корупција.

Во Мароко, протестите започнаа откако неколку бремени жени починаа за краток период во иста болница. Наскоро бунтот се прошири и во други градови, поттикнат од лошото здравство, високата невработеност и трошењето државни пари на спортски спектакли.

Корупцијата – коренот на сè

„Корупцијата е раната што ги влошува сите други кризи“, вели Ханифа од Кенија.
„Таа директно краде од болниците, училиштата и безбедноста на храната, додека дипломирани млади продаваат слатки на улица.“

Слична порака доаѓа и од Мадагаскар, каде младите се првите жртви на лошото управување, особено во образованието, со уништена инфраструктура и без перспективи.

И покрај дипломите и образованието, вратите за вработување остануваат затворени, што дополнително го поттикнува гневот.

Колапс на јавните услуги

Пропаѓањето на јавното здравство, недостигот од вода и струја, нефункционалниот јавен превоз и хронично потфинансираните универзитети беа искра за масовни протести во повеќе земји.

„Кога даноците растат, а услугите се влошуваат, луѓето се чувствуваат измамени двапати“, порачуваат младите.

Глобална солидарност на генерацијата Z

Протестите не се изолирани. Напротив, младите ширум светот се инспирираат едни од други.
„Кога гледаме дека младите во друга земја се борат, чувствуваме дека и ние можеме“, велат активистите.

Иако владите беа урнати, младите предупредуваат дека борбата штотуку започнува – за ослободување на политичките затвореници, фер избори и вистински промени.

„Ова е колективно одбивање на тишината“, порачуваат.
Генерацијата Z јасно стави до знаење дека нема намера да ја прифати иднината што ѝ е наметната – и дека е подготвена да ја промени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни