Генерацијата Z официјално е првата генерација во поновата историја која, според достапните податоци, покажува пониско ниво на интелигенција во споредба со генерацијата пред неа. Со тоа е прекинат вековниот тренд на меѓугенерациски раст на интелигенцијата, познат како „Флинов ефект“.
Невронаучниците овој феномен го поврзуваат со сè поголемата употреба на кратки видео-содржини, скратени текстови и дигитални технологии во образованието, кои не се во согласност со начинот на кој човечкиот мозок природно учи и обработува информации.
Истражувањата покажуваат дека припадниците на Генерацијата Z постигнуваат послаби резултати во внимание, меморија, читање, математика, решавање проблеми и вкупен IQ во споредба со миленијалците. Тоа ги прави миленијалците првата генерација што, според мерењата, е когнитивно „поостра“ од помладата генерација што следи по неа.
Технологијата како клучен фактор
Д-р Џаред Куни Хорват, поранешен наставник и денес невронаучник, пред Одборот на Сенатот на САД за трговија, наука и сообраќај изјави дека, иако Генерацијата Z поминала повеќе време во формално образование отколку генерациите во 20. век, нивото на интелигенција бележи значителен пад.
Според него, современите образовни модели кои се потпираат на таканаречената образовна технологија (EdTech) имаат негативно влијание врз когнитивниот развој. Податоците што ги презентира покажуваат дека падот на когнитивните способности започнал околу 2010 година, период кога дигиталните уреди масовно влегуваат во училниците.
Кратки видеа наместо длабинско учење
Хорват нагласува дека човечкиот мозок не е создаден да учи преку кратки видео-клипови и површни резимеа. Усвојувањето сложени идеи и трајно знаење, вели тој, бара длабинско читање на обемни текстови и книги, како и континуирана интелектуална концентрација.
Денешните млади, пак, сè почесто се потпираат на брзи одговори од вештачка интелигенција и видео-содржини, што, според експертите, ја ослабува нивната способност за критичко размислување и долгорочно помнење.
„Повеќе од половина од времето додека тинејџерите се будни го поминуваат гледајќи во екран“, изјави Хорват за New York Post.
Недостиг од човечка интеракција
Според научниците, луѓето се биолошки програмирани да учат преку директна интеракција – со наставници, врсници и преку жив контакт лице в лице. Екраните, тврдат тие, го нарушуваат овој природен процес и го кочат когнитивниот развој.
Хорват додава дека ниту „понапредна“ технологија, ниту подобрени дигитални алатки нема да го решат проблемот, бидејќи самата технологија е во спротивност со природниот начин на функционирање на мозокот.
Глобален проблем
Падот на когнитивните способности не е ограничен само на Соединетите Американски Држави. Според податоците, истиот тренд е забележан во најмалку 80 земји.
„Каде и да се воведе масовна дигитална технологија во училиштата, училишниот успех значително опаѓа“, предупредува Хорват.
Анализата на податоци што опфаќа период од шест децении покажува јасна корелација: колку повеќе технологија се користи во училниците, толку повеќе опаѓаат резултатите во учењето.
