Генерацијата што сака да го промени светот


Ми пречи фразата „Сите сме поминале низ истото, не си само ти“.

Секој пат кога некој повозрасен соработник, родител или ментор ќе ја изговори, таа звучи како обид за утеха, но всушност е признавање на една колективна резигнација — дека болката, неправдата, или заморот се нешто што мора да се прифати, затоа што сите ги доживеале. Но зошто мора? Зошто нашите болки треба да станат дел од ритуалот на созревање? Зошто искуството на претходните генерации треба да биде граница, а не поттик за промена?

Јас припаѓам на генерацијата што не сака да се адаптира на светот — туку сака да го промени.

Генерацијата што не прифаќа да се вклопи во системот што не ѝ нуди простор за дишење, генерацијата која повеќе не се задоволува со „таков е животот“, туку прашува „зошто мора да биде така?“. Нè нарекуваат чувствителни, нетрпеливи, бунтовни или нереални. Но можеби само сме свесни дека прифаќањето на „истото“ значи предавање на животот пред тој воопшто да започне.

Да се излезе од кругот на наследената болка

Системот што го наследивме не е само институционален – тоа е систем на психолошки и емоционални обрасци.

Од семејствата што нè учат дека вредиме колку што сме послушни, од пријателствата што бараат компромис со самите себе, до врските што ја мерат љубовта со жртва. Тоа се невидливите мрежи на очекувања кои ни ја гушат автентичноста.

Генерацијата Зет расте под тежината на постојаните очекувања. Да бидеме успешни, продуктивни, скромни, добри, приспособливи. Да се смееме кога не ни е смешно. Да продолжиме кога сме исцрпени. И во тој бескраен напор да не ги разочараме другите, често се разочаруваме самите себе.

Понекогаш разочарувањето не доаѓа од неисполнети очекувања, туку од чувството дека си се изгубил себеси додека си се обидувал да не изгубиш никого. Тоа е болката што најтешко се именува – кога не си направил ништо „погрешно“, но сепак не си среќен. Кога си „успешен“ според сите стандарди, но внатрешно празен.

Менталното здравје како форма на отпор

Нашата генерација полека сфаќа нешто што претходните не се осмелиле да го признаат: менталното здравје е подеднакво важно како физичкото, ако не и поважно.

Во свет во кој се трча по брзи пари и брзи задоволства, грижата за себе се третира како слабост. Заморот се прикрива со кафе и насмевка, а тагата со уште еден успех на социјалните мрежи.

Многу млади луѓе се свесни дека нешто не е во ред, дека чувствуваат исцрпеност, анксиозност или безволност — но не сакаат да си помогнат. Не затоа што не можат, туку затоа што општеството ги научило дека да зборуваш за својата болка значи да си „слаб“, а не свесен. Во свет што повеќе ги слави резултатите отколку луѓето што стојат зад нив, менталното здравје останува последната грижа.

И тука се раѓа нов феномен — самовиктимизацијата. Општеството што не нуди поддршка создава луѓе кои својата болка ја претвораат во идентитет. Не затоа што сакаат да страдаат, туку затоа што болката е единственото нешто што општеството им дозволило да го поседуваат. Во свет кој се занимава со површни потреби и задоволства, луѓето почнуваат да ја слават својата тага затоа што никој не им помогнал да ја излечат.

Но зборот „грижа“ не смее да биде празен.

Да се грижиме за себе значи да прекинеме со култот на прегорувањето, со идејата дека вредиме само кога даваме, кога издржуваме, кога молчиме. Менталната стабилност е револуција на самопочитта. Да се грижиш за себе денес е чин на отпор — отпор кон општеството што те учи дека секогаш мораш да бидеш добро.

Да се биде среќен не е себичност, туку одговорност

Со текот на времето сфатив дека не можам да бидам вистински среќна со другите ако не сум среќна со самата себе – со она што го работам, што го живеам, што го создадам. Среќата не е резултат на аплауз, туку на внатрешна согласност.

Да се избере свој пат, дури и кога никој не го разбира, е најголемиот чин на самопочит.

Ген З не сака да се адаптира на веќе поставените норми. Ние сакаме да создадеме свои, индивидуалистички, но не и себични. Индивидуализмот што го браниме не значи да се отргнеме од другите, туку да не мислиме на другите повеќе отколку што мислиме на себе. Да научиме дека љубовта кон другите не треба да биде форма на самоисцрпување.

Плиткото размислување не е наш хоризонт

Не нè интересираат површните социјални правила, празните гестови на статус и „нормалност“. Нè интересираат работите што нè прават вистински живи и свесни. Наместо да се приспособуваме на систем што не нè гледа, сакаме да го реконструираме – институционално, културно, емотивно. Не сакаме да си ја скратиме слободата која нашите родители мислеа дека никогаш нема да ја имаат. За нас, слободата не е луксуз, туку животна неопходност – слободата да избереме различен пат, да одбиеме шаблони, да создадеме нови значења.

Од генерација што преживува кон генерација што создава

Можеби претходните генерации учеа да преживуваат. Но ние сакаме да живееме. Да не се задоволуваме со стабилност без среќа, со ред без смисла, со сигурност без љубопитност.

Постоеја генерации кои живееја по желбите на другите – по диктатот на општеството, традицијата, семејството. Но постои и генерација што сака да го промени светот, не од ароганција, туку од љубов кон животот. Од верување дека животот треба да се живее во сопствени бои, не во сенката на туѓи стравови.

И за среќа – имав луѓе кои ми го покажаа токму спротивното од она „Сите сме поминале низ истото“.

Тие ми кажаа:

„Ако ние сме поминале низ ова – не треба и ти.“

И во таа реченица, за првпат, почувствував што значи вистинска еволуција. Не повторување на болката, туку прекин на нејзиното наследство.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни