Улиците на Катманду изминативе денови беа обележани со револуционерни сцени: чад од запалени владини згради, разбиен порцелан од вандализирани резиденции на политичари, и на ѕидот на парламентот – црн натпис: „Од сега, тука ќе биде само Генерација З. Корумпираните лидери ќе бидат протерани. Живеел Непал. Живеела Генерација З.“
Тоа не беше обичен протест – тоа беше експлозија на децениско незадоволство, предводена од најмладата генерација, луѓе родени по 1997 година. Протестите започнаа поради забраната на социјалните мрежи, но брзо прераснаа во масовно движење против остарената и корумпирана политичка елита. Само по два дена немири, премиерот К.П. Шарма Оли поднесе оставка, а бројот на загинати достигна 51, со повеќе од 1.400 повредени ширум земјата.
Иако земјата формално е република од 2008 година, власта во Непал остана во рацете на истите политички фигури, а ветувањата за реформи се претворија во празни зборови. Новата генерација веќе не верува во стариот систем, ниту пак има почит кон политичарите како порано. Социјалните мрежи – особено Instagram и TikTok – одиграа клучна улога. Пред самата забрана, платформите беа преплавени со видеа што го прикажуваа луксузниот живот на децата на политичарите: скапи автомобили, патувања, брендови, со хаштази како #NepoBabies и #NepoKids.
Овие сцени беа во контраст со реалноста на илјадници млади во Непал кои немаат пристап до чиста вода, стабилна работа или основна здравствена заштита. Една објава јасно го сумира гневот: „Граѓаните немаат ни сол, а вие јадете од златни чинии.“ Во овој контекст, смртта на 21-годишен доставувач, кој беше прегазен од полициско возило додека доставуваше храна во време на протестите, стана симбол на тоа како богатите и моќните буквално „ги газат“ обичните луѓе. Во слична насока се движат и настаните во други азиски држави.
Во Шри Ланка, во 2022 година, младите ја окупираа претседателската палата, принудувајќи го тогашниот претседател Готабаха Раџапакса да избега од земјата. Во Бангладеш, студентите го предводеа движењето што доведе до пад на Шеик Хасина и основање на нова политичка партија – Националната граѓанска партија – со најави за нов устав. Во Индонезија, протестите ескалираа поради скандал со платени станови за пратеници, што кулминираше со оставки и насилни немири во неколку региони. Заедничко за сите овие случувања е конфликтот меѓу старата, корумпирана политичка елита и младото, дигитално поврзано и глобално освестено население.
Според Шафкат Мунир од Институтот за мир и безбедност во Бангладеш, Генерацијата З веќе не го прифаќа авторитетот на политичарите поради нивната возраст или статус – тие бараат резултати, отчетност и инклузивност. Непал, каде што 20% од населението е помладо од 24 години, е симбол на оваа нова политичка реалност. Иако повеќето од тие млади никогаш не гласале, тие се мобилизираат, учат, протестираат и веќе го формираат новото политичко ткиво.
Во Непал, токму тие го избраа новиот лидер на преодната влада – поранешната претседателка на Врховниот суд, Суашила Карки, позната по својот интегритет. Таа веднаш го распушти парламентот и распиша нови избори за март. Сцените од запалените министерства денес се заменети со обнова и надеж. Иако сè уште е рано да се процени дали овие млади ќе успеат да го реформираат целиот систем, едно е сигурно – азиската Генерација З веќе не е тивка. Таа не чека повици од лидерите – таа е веќе на улиците, на платформите, и наскоро – на гласачките ливчиња.
Како што рече еден од демонстрантите, Јатиш Оџа: „Излеговме за одговорност и транспарентност. Делумно се инспириравме од нашите соседи. Но не мислевме дека за само два дена ќе срушиме цел политички режим.“