Ако не беше паметниот часовник на нејзината рака, лесно ќе помислевте дека е 1992 година. Клубот е полн, музиката трешти, а ноќта допрва почнува. Таа танцува, го игнорира телефонот и само на кратко застанува за да напише порака до својот син: „Излегов сум. Ќе зборуваме утре.“ Потоа исчезнува назад во толпата.
Оваа сцена не е исклучок, туку сè почеста појава меѓу луѓето родени помеѓу 1965 и 1980 година – т.н. Генерација Х. Денес, во своите четириесетти и педесетти години, тие повторно се видливи: на концерти, во клубови, на фестивали, но и во секојдневието, со истата љубопитност и енергија со која живееле во осумдесеттите и деведесеттите.
Според едно поново истражување, токму 1980-тите и 1990-тите се оценети како децении со највисок квалитет на живот, вели Independent. Не случајно, тоа се годините што ја обликуваа Генерација Х – период без социјални мрежи, без постојано снимање, без алгоритми што диктираат што треба да чувствуваме. Забавата беше колективна, моментот се живееше, а спомените се градеа офлајн.
Додека помладите генерации често се опишуваат како поанксиозни, повеќе врзани за екраните и помалку склони кон „хаотично“ уживање, Генерација Х никогаш целосно не се откажа од своите навики. Тие не снимаат секоја песна на концерт, не бркаат совршен кадар за Инстаграм и ретко ја прекинуваат ноќта заради нотификации. Наместо тоа, тие се таму – во моментот.
Ова не значи дека Генерација Х живеела лесно. Напротив. Тие пораснале со економски кризи, страв од нуклеарна војна, политички турбуленции, АИДС, тероризам и медиумски шокови што денешните генерации тешко можат да ги замислат. Но токму таа колективна несигурност создаде механизми на справување: разговор, хумор, музика, заедништво.
Интересно е што денес токму помладите како Генерација Z, повторно откриваат дел од таа естетика и животна филозофија. Тие слушаат музика од деведесеттите, носат облека од гардероберите на своите родители и се фасцинирани од „пореалниот“, помалку филтриран начин на живеење. Не станува збор само за носталгија, туку за препознавање на еден поопуштен однос кон светот.
Генерација Х, често нарекувана „заборавена“, денес ненаметливо се наметнува како генерација што знае да ужива, но и да преживее. Тие се адаптираа на дигиталната револуција без да ѝ се предадат целосно. Го користат она што им треба, а го игнорираат остатокот. И токму во тоа лежи нивната привлечност.
Можеби затоа денес изгледаат не само најкул, туку и според многумина, најзадоволни. Во време на глобални кризи и постојан стрес, нивната порака е едноставна: животот не мора да се живее под притисок. Понекогаш, доволно е да се потсетиме како изгледало кога сме биле заедно, без екрани меѓу нас.
