„Генерација без чад“ – Цигарите стануваат недостижни за новите генерации во Велика Британија

Велика Британија предвидува постепено ограничување на продажбата на цигари за младите со цел намалување на пушењето и подобрување на јавното здравје.

Предлог-законот кој е дел од таканаречената политика за „генерација без чад“, може значајно да ја намали стапката на пушење меѓу младите и да донесе долгорочни здравствени придобивки, покажува ново истражување објавено на Euronews оваа недела.

Владата на Велика Британија очекува дека законските мерки би можеле да ја намалат бројката на млади што почнуваат да пушат за околу 30% годишно, со што пушењето меѓу младите би можело да падне под 5% уште во 2030-тите години. Оваа законска политика на предвидува постепено зголемување на минималната возраст за купување тутунски производи, почнувајќи од оние родени по 2009 година, кои никогаш нема да можат легално да купат цигари.

Истражувањето, спроведено од Универзитетот Nottingham и објавено во медицинскиот журнал Tobacco Control, користело моделирање за да ги анализира потенцијалните ефекти на политиката врз пушењето и здравјето на населението. Дури и ако се земат предвид поконзервативни проценки за влијанието на законот, студијата покажува дека мерките би донеле значајни здравствени придобивки – преку постепено намалување на бројот на пушачи и со тоа подобрување на општото јавно здравје.

Според моделот, оваа политика не само што би ја намалила стапката на пушење кај млади лица, туку би довела и до значителен пораст на „здрави години на живот“ во текот на следните децении, со најголеми добивки во заедниците со највисока стапка на пушење.

Истражувачите предупредуваат дека вистинскиот ефект од законот нема да зависи само од неговото донесување, туку од начинот на спроведување. Потребен е засилен и конзистентен надзор, јасна и навремена комуникација кон јавноста, како и достапни програми за поддршка на оние што сакаат да се откажат од пушење. Само со ваков системски пристап, придобивките од мерката би можеле рамномерно да се почувствуваат во сите региони и кај различни социјални групи, наместо да создадат нови нееднаквости.

Здравствените организации ја поздравија студијата и потенцираа дека таквата политика може да биде клучен чекор кон целта Велика Британија да стане земја со значително помал процент на пушачи во следните генерации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни