„Ова ми е прва светска војна. Кој е дрес кодот?“
„Во 2025 моите цели беа glow up, не blow up.“
Го отвораш TikTok за вообичаено скролање. Навикнат/а си на црн хумор и на омилената навика на Gen Z – да претвори буквално сè во мим. Малку нешта те изненадуваат веќе. Но, последниве денови, налетуваш на десетици видеа со ракети кои го сечат ноќното небо. Во позадина – музика од Кејти Пери или Ники Минаж, а описите се нешто како: „Првпат ми е, малку сум нервозен/а“.
Видеата добиваат милиони прегледи и илјадници реакции – како што обично се случува, го поларизираат интернетот: Gen Z – често нарекувана „површна генерација“ – наспроти сите други.
Некои одат чекор понатаму со шегите, други жестоко ги осудуваат што се потсмеваат на трагичната реалност.
Но, кои се двете страни на оваа приказна?
Сами по себе – хуморот како начин на преживување
Gen Z е генерација која комуницира преку хумор – и тоа најчесто црн. Зошто? Бидејќи, според нив, многу е полесно да се справиш со ужасната реалност кога се смееш на неа.
Еден TikTok корисник прашува дали постои дрес код за неговата „прва светска војна“.
Друг го споделува видеото од иранските ракети кон Израел со „Firework“ од Кејти Пери во позадина.
Под видеото, некој коментира: „Посакајте желба, изгледа како ѕвезда-паѓачка.“
Сцените од Star Wars и Iron Man се појавуваат со натписи како „Iran Strikes Back“, а во коментарите стои: „Идните историчари нека го прескокнат овој дел.“
„GRWM (Get Ready With Me) за мојата прва војна“ – пишува еден друг корисник, симулирајќи туторијал за шминкање, како за излегување, само што е… за војна.
Во суштина, логиката на Gen Z гласи: колку повеќе хумор – толку помалку траума.
„Велат дека нашата генерација не е сериозна. Да, ама светот се распаѓа, немаме пари за храна, ниту можеме да купиме стан. Зошто би биле сериозни?“ – коментира еден корисник.
Другите – „Ова е нечуствително и навредливо“
Но, не се сите расположени за мимови. Многумина го нарекуваат трендот бесчуствителен и циничен, предупредувајќи дека ваквите видеа ги повредуваат луѓето кои реално страдаат.
„Дали слушаш сирени? Дали се плашиш дека ќе го изгубиш домот? Не? Тогаш не се потсмевај!“, пишува еден корисник.
Друг го нарекува целиот тренд „најдистопиското нешто што го видел досега“.
Како да се реагира?
Додека едните тврдат дека со хумор се штитат од колективната траума, другите повикуваат на повеќе емпатија и одговорност, особено кога се работи за војна, смрт и вистинска човечка болка.
И така, уште еднаш, интернетот се дели – на оние кои се смеат за да не заплачат, и на оние кои веќе плачат зашто нема ништо смешно во сето ова.