Нè очекува спектаклот на геминидите – како најдобро да се набљудува метеорскиот дожд

Еден од најсилните и најсигурни метеорски дождови го достигнува својот врв овој викенд и може да се види со голо око

Иако универзумот е преполн со чуда, само мал број астрономски феномени можат да се набљудуваат без никаква опрема. Меѓу нив се и метеорските дождови, а Геминидите, кои се активни од почетокот на декември, важат за едни од најспектакуларните. Според „Њујорк тајмс“, овој природен небесен огномет го достигнува својот врв во ноќта меѓу сабота и недела, од 13 кон 14 декември.

Геминидите се сметаат за еден од најсилните и најпопуларните метеорски дождови во текот на годината. Тие се создаваат од честички што ги остава зад себе астероидот 3200 Фетон и најдобро се гледаат од северната хемисфера, иако се видливи и јужно од екваторот. Активноста ќе продолжи до 17 декември, што значи дека и по викендот ќе има можност за набљудување.

Оваа година условите за гледање се релативно поволни. Според Меѓународната метеоролошка организација, Месечината за време на врвот ќе биде околу 30 проценти осветлена, што значи дека нејзината светлина нема значително да ја намали видливоста на потемните метеори.

Метеорските дождови се појавуваат кога Земјата, движејќи се околу Сонцето, минува низ облак од ситни честички оставени од комета или астероид. Овие честички, често не поголеми од зрно песок, согоруваат при влегување во атмосферата и оставаат светла трага на небото, позната како „ѕвезда што паѓа“. Иако метеор може да се види во која било ведра ноќ, шансите значително се зголемуваат токму за време на вакви дождови.

Од Земјата, се создава впечаток дека сите метеори доаѓаат од една точка на небото, таканаречениот радијант. Кај Геминидите, тој се наоѓа во соѕвездието Близнаци, по што и го добиле името.

Според експертите, за набљудување на метеорски дожд не е потребна никаква опрема. Директорката за јавно набљудување во Планетариумот Адлер во Чикаго, Мишел Николс, објаснува дека телескопите и двогледите можат дури и да одмогнат, бидејќи го ограничуваат видното поле. Најважни се голо око и темно небо.

Иако теоретски Геминидите можат да произведат и до 100 метеори на час, во реалноста повеќето луѓе ќе видат помал број, главно поради светлосното загадување. Уличното осветлување, дури и во помали градови, значително ја намалува видливоста.

За најдобро искуство, астрономите препорачуваат набљудување од темна локација, далеку од градските светла, како и трпение. На очите им се потребни околу половина час за целосно да се прилагодат на темнината, а најдобриот период за гледање е помеѓу полноќ и зори, кога радијантот е високо на небото. Со оглед на тоа што ноќите во декември се студени, важно е да се биде топло облечен и подготвен за подолго мирување.

Геминидите се меѓу најсигурните и најимпресивните небесни настани во годината. Доколку времето дозволи и небото биде ведро, викендот нуди ретка можност да се сведочи на космички спектакл кој природата го приредува без билет и без сцена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни