Додека европските лидери летово беа фокусирани на дипломатските разговори со Доналд Трамп околу трговијата и Украина, тие тивко молчеа за уште една криза на источниот дел од континентот. Повеќе од девет месеци, масовните студентски протести во Србија ја доведуваат во прашање авторитарната власт на Александар Вучиќ, кој веќе 11 години ротира на функциите премиер и претседател. До сега, Брисел најчесто избираше да сврти поглед настрана, пишува британскиот весник „Гардијан“.
Катализатор за некои од најголемите протести во поновата историја на Србија беше колапсот на новообновената покривна конструкција на железничката станица во Нови Сад, вториот најголем град во земјата, што резултираше со 16 загинати. Несреќата се припишува на системска корупција и измами во кои е вклучена владејачката Српска напредна партија, предводена од Вучиќ, и брзо прерасна во симбол на отпорот и повик за демократски реформи.
Студентите бараат предвремени избори и нова ера на транспарентност и отчетност во земја што сѐ уште е кандидат за членство во ЕУ.
Како што растеше гневот на улиците, одговорот на Вучиќ стануваше сè порепресивен. Неосновано тврдејќи дека странски агенти се обидуваат да донесат „увезена револуција“, тој започна жестока пресметка со граѓански организации кои добиваат странски донации.
На улиците се појавија насилни групи кои напаѓаа демонстранти и уништуваа имот во сопственост на луѓе кои му се политички опоненти. Имаше бројни извештаи за полициска бруталност. Последниот протест во Белград се одржа под мотото: „Да им покажеме дека не сме вреќа за удирање“.
Гардијан оценува дека демонстрантите заслужуваат поголема поддршка и солидарност од Европската унија.
Весникот го опишува Вучиќ како „автократ и циник“, а неговото влијание врз политиката на Западен Балкан како „малигно“. Надвор од Србија, тој промовира дестабилизирачка етнонационалистичка агенда поврзана со Косово и Република Српска, а дома е сѐ поголема закана за демократијата.
Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) утврдила дека парламентарните избори во Србија минатата година биле обележани со медиумска пристрасност и злоупотреба на државни ресурси за влијание врз резултатот.
Според Гардијан, ЕУ има реална моќ – таа обезбедува над 60% од странските директни инвестиции во Србија и има ветено 1,6 милијарди евра до 2027 година, поврзани со спроведување реформи. Но, поради стравувањата дека Србија би можела да се приближи кон руската сфера на влијание, Брисел ја ублажува секоја критика кон Вучиќ.
Во меѓувреме, српскиот претседател вешто балансира меѓу големите сили – испраќа оружје и кон Киев и кон Москва преку трети земји, и им овозможува на ЕУ пристап до стратешките резерви на литиум во Србија.
По летното насилство, Вучиќ минатата недела повика на дијалог со демонстрантите, но, според Гардијан, она што му е потребно на народот на Србија се слободни и фер избори и крај на авторитарниот режим од последната деценија.
„Во време кога либералните вредности на ЕУ се под закана – и од Вашингтон, и од Москва и Пекинг – Унијата мора далеку посилно да се заземе за нив и за демократските реформи што се одвиваат веднаш пред нејзините граници.“, заклучува Гардијан.