Гардијан: Поттикнувањето насилни протести во Британија беше само пробен балон на Маск за тоа што го планира за САД

Фото: James Duncan Davidson

Пред нешто повеќе од четири години, бунтовничка толпа, здружена и мотивирана преку интернет, се впушти во Вашингтон и упадна во Капитол, заканувајќи му се на потпретседателот со јаже и јамка. Тоа беше во едно друго време, пред милијардерите како Илон Маск да бидат со одврзани раце.

Тогаш, во 2020, социјалните мрежи, плашејќи се од осуди од јавноста, внимаваа што се споделува и како, или барем се правеа дека внимаваат. Твитер вработуваше повеќе од 4.000 луѓе во одделот „доверба и безбедност“, со задача да бришат опасни содржини од својата платформа и да откриваат операции на странско влијание. Фејсбук се обиде да го игнорира јавниот притисок, но на крајот ги забрани политичките реклами кои се обидуваат да го „делегитимизираат гласањето“, а голем број академици и истражувачи во единиците за „изборен интегритет“ работеа на идентификување и означување на опасните дезинформации.

Сепак, огромен дел од американската јавност беше убеден дека изборите во 2020 биле украдени, поради што насилна толпа се собра да изврши државен удар.

Четири години подоцна ситуацијата е многу поинаква, а според многумина и полоша.

Додека Камала Харис ужива во своето жешко лето, а либералната Америка воздивнува со олеснување, САД треба да погледнат кон Британија. Кон бунтовниците на улиците и запалените автомобили и заразниот, неконтролиран расизам што се шири како шумски пожар на повеќе платформи. На лаги засилени и ширени со алгоритми долго пред фактите да бидат објавени, испрани и варосани од политичарите и професионалните медиумски „грифтери“.

Исто како што Брегзит го „предвиде“ Трамп во 2016 година, постојат знаци дека и сега ситуацијата ќе се прелее. Истите трансатлантски обрасци, истиот правилник, истите фигури. Но, овој пат со нов сет на опасни неконтролирани технолошки предности и недостатоци кои чекаат да бидат злоупотребени.

Улиците во моментов се тивки, насилството е срушено. Но во Британија, екстремното полициско насилство е некој да носи цигла или да фрли стол, додека во САД, покрај оружјето што секој може да го поседува, има и организирани милиции. Без разлика на тоа како Харис котира на анкетите, Америка се соочува со опасни моменти, без оглед кој ќе победи на изборите.

Бидејќи како што Трамп веќе ни покажа, не се работи само за победа или пораз на изборите. Целиот период помеѓу објавувањето на резултатите и инаугурацијата на новиот претседател е момент кога се може да се случи, не само во Америка, туку и во целиот свет.

Во Британија ова лето видовме нешто ново и без преседан. Милијардер и сопственик на социјална мрежа, јавно се спротивстави на избран лидер на држава и ја искористи својата платформа за да го поткопа авторитетот и да испровоцира насилство. Насилните протести во Британија ова лето беа пробен балон на Илон Маск.

Тој се извлече со тоа. И доколку не сте исплашени од моќта на тоа и потенцијалните последици што може да се случат, треба да почнете да бидете. Доколку Маск се одлучи да „предвиди“ граѓанска војна во САД, како ќе изгледа тоа? Доколку се одлучи да ги оспори изборните резултати? Доколку одлучи дека демократијата е преценета? Ова не е научна фантастика, се наоѓаме на три месеци пред ваквите можни исходи.

Ништо не се случува во вакуум. Во еден краток период по 2016 година, имаше обид да се разбере како овие технолошки платформи биле користени за ширење лаги и невистини – или мисинформации и дезинформации. Но тој момент помина. Победија долгогодишниот напор на републиканските оперативци да ја политизираат целата тема на „дезинформации“. Едвај дури и сега постои во американските технолошки кругови. Секој што го сугерира тоа – истражувачи, академици, тимови за „доверба и безбедност“ – сега се дел од „индустрискиот комплекс за цензура“.

Американскиот конгресен комитет на чело со републиканецот Џим Џордан, убеден дека големите технолошки компании ги замолчуваат конзервативните гласови, тргна во војна. Цели универзитетски катедри пропаднаа, вклучително и Интернет опсерваторијата Стенфорд, чија единица за изборен интегритет обезбеди брзо откривање и анализа во 2020 година.

Дури и ФБИ беа спречени да комуницираат со технолошките компании за тоа што официјалните лица предупредија дека е напад на странски дезинформации и операции за влијание.

Ова беше доволна причина за социјалните мрежи да направат исчекор. Твитер, кој сега се вика X, отпушти речиси половина од својот тим за доверба и безбедност, а тоа го сторија и речиси сите технолошки компании. Илјадници работници кои претходно откривале мисинформации беа отпуштени од Мета, ТикТок, Снап и Дискорд.

Изминатата недела, Фејсбук ја прекина една од последните алатки за транспарентност, CrowdTangle, која беше клучна во разбирањето на тоа што се случуваше онлајн за време на темните денови пред и по 6 јануари во САД. Тие го направија тоа и покрај молбите да ја остават на истражувачите и професорите, само бидејќи можат.

Минатата недела, OpenAI кажа дека откриле иранска група која користела го ChatGPT за водење кампања за да влијаат на изборите во САД, што би било поимпресивно ако последното што се слушна од неговиот тим за доверба и безбедност беше дека се распушта во мај.

Истовремено, Илон Маск и ја тргна маската. Тој покажа дека веќе не мора да се преправа дека се грижи за нешто. Како што вели тој, довербата е недоверба, а безбедноста е цензура. Негова цел е хаос. А тој доаѓа.

Авторка: Керол Кадвалдр
Извор: Гардијан

Најново

Последни колумни