Војната меѓу САД, Израел и Иран веќе влијае врз туристичките планови на многу Европејци. Сè повеќе патници ги откажуваат или менуваат патувањата во источниот Медитеран и избираат побезбедни дестинации како Италија, Шпанија, Малта и Хрватска, објавува „Гардијан“.
Туристите ги менуваат плановите
Европските туристи ова лето сè почесто ги избегнуваат дестинациите како Кипар, Турција и делови од Грција поради геополитичката нестабилност и затворањето на воздушниот простор на Блискиот Исток.
Откажувањата на летови и ризикот од дополнителни нарушувања во воздушниот сообраќај ги тераат патниците да избираат подалечни или побезбедни дестинации.
Најголемиот европски туроператор TUI соопшти дека побарувачката за одмори во Шпанија, Португалија, Грција и Капо Верде нагло пораснала во последните денови.
„Иако гледаме одредени откажувања во погодените области, засега има повеќе луѓе кои ги менуваат своите планови отколку оние кои целосно се откажуваат од патувањата“, изјави Нил Свансон од TUI.
Силен интерес за Хрватска
Сличен тренд бележи и туристичката агенција Hays Travel, која презеде дел од филијалите на поранешниот туроператор Thomas Cook.
Според Џонатон Вудал-Џонстон, побарувачката за патувања во Италија, Малта и Хрватска расте особено брзо.
Во исто време, сè повеќе Европејци размислуваат за патувања на долги релации, особено кон Карибите, за да избегнат можни нарушувања во сообраќајот.
„Гледаме многу голема побарувачка за директни летови до Карибите, особено до Доминиканската Република и Јамајка“, изјави Свансон.
Скок на цените на летовите
Зголемената побарувачка доведе и до нагло поскапување на авионските билети.
Според Марк Дугид од туристичката компанија Kuoni, цените на летовите значително се зголемиле поради ограничениот број достапни места.
„Гледаме огромни скокови на цените на билетите – дури и до 1.000 фунти по лице за економска класа“, вели тој.
На пример, најевтините повратни летови од Лондон до Антигва и Барбуда за последната недела од март пред една недела чинеле околу 720 фунти, а сега се зголемени на 917 фунти.
Туристичките компании под притисок
Војната веќе има сериозни последици и за туристичките компании.
Акциите на онлајн туристичката агенција On the Beach паднаа за 13 проценти откако компанијата ја суспендираше прогнозата за годишниот профит поради неизвесноста околу војната.
Компанијата соопшти дека резервациите за Турција, Кипар и Египет значително се намалиле, а пад е забележан и кај патувањата во Грција.
Акциите на EasyJet паднаа за околу 16 проценти, а на Jet2 за околу 10 проценти по почетокот на американско-израелските напади врз Иран.
Во меѓувреме, нискобуџетната авиокомпанија Wizz Air најави дека ќе пренасочи дел од својот капацитет од Блискиот Исток кон европски туристички дестинации како Хрватска, Шпанија, Португалија и Италија.
ИЗВОР: The Guardian