Децении подготовка, 60 секунди напад: како беше убиен Али Хамнеи

Гардијан открива како израелско-американска операција подготвувана со години за 60 секунди го уби иранскиот лидер Али Хамнеи.

Убиството на иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи било резултат на децениско собирање разузнавачки податоци од израелските служби, со клучна технолошка поддршка и ресурси обезбедени во последните шест месеци од страна на ЦИА и други американски разузнавачки агенции, пишува Гардијан.

Според израелски воени претставници, Хамнеи бил убиен заедно со уште седум „членови на врвното иранско безбедносно раководство“ кои се наоѓале на неколку локации во Техеран, како и со околу десетина членови од неговото семејство и најблискиот круг. Нападите биле изведени речиси истовремено и траеле помалку од една минута. Во операцијата, како што се наведува, загинале и 40 други високи ирански функционери.

Хамнеи, кој имал 86 години, беше убиен во рамки на воздушната офанзива што овој викенд ја започнаа Израел и САД, со цел да го соборат иранскиот клерикален режим. Овој развој на настаните дополнително го продлабочи насилството и нестабилноста на Блискиот Исток.

Иако операцијата беше претставена како прецизен и координиран удар, некои експерти и поранешни разузнавачи предупредуваат дека станува збор за можеби сериозна стратешка грешка, која може да ги оттурне потенцијалните сојузници или да отвори простор за порадикални сили.

Јоси Мелман, израелски аналитичар и автор специјализиран за разузнавање, изјавил дека Израел „е вљубен во атентати“, но дека тие не го решаваат проблемот. Тој посочил дека лидерите на Хамас и Хезболах биле убиени, но организациите продолжиле да постојат.

Амoс Јадлин, поранешен шеф на израелската воена разузнавачка служба, ја опишал операцијата како „тактичко и оперативно изненадување“, бидејќи се очекувало нападот да биде изведен ноќе, како што беше случај со почетокот на 12-дневната војна во јуни.

Според Гардијан, времето на нападот било одредено врз основа на информации што ЦИА ги добила за состанок на високи ирански претставници во комплекс во центарот на Техеран, закажан за сабота наутро. Клучно било сознанието дека и самиот Хамнеи ќе присуствува и точниот термин на состанокот.

Израелските служби со години го следеле Хамнеи, создавајќи детално досие за неговите дневни навики, движења и кругот на луѓе околу него. Поранешен ветеран од ЦИА, цитиран од Гардијан, објаснил дека ваквите операции се како „гигантска сложувалка“, во која се поврзуваат фрагменти од информации – од начинот на снабдување со храна до управувањето со отпадот.

Според истиот извор, во современиот свет речиси никој не може да избегне да остави дигитална трага, а податоците се повеќеслојни и постојано достапни за анализа.

Реуел Герехт, поранешен офицер за таргетирање во ЦИА, изјавил дека САД обезбедиле значителни технолошки ресурси, но дека токму Израел ги изградил агентурните мрежи на терен во Иран, способни да обезбедат човечки разузнавачки информации и да спроведуваат тајни операции.

Герехт оценил дека е веројатно дека фотографии од остатоците на Хамнеи биле покажани на американскиот претседател Доналд Трамп и на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, како што објавија израелските медиуми.

Мосад, израелската разузнавачка служба, со децении работи на иранското прашање и изградила длабоки мрежи од информатори и логистичка поддршка во земјата. Во изминатите години биле изведени повеќе операции, меѓу кои атентат врз ирански нуклеарен научник со далечински управувано оружје, сајбер-напади врз иранската нуклеарна програма и кражба на архиви со чувствителни документи.

За време на 12-дневната војна во јуни, израелските агенти идентификувале домови на ирански научници, разузнавачи и воени команданти, што овозможило десетици да бидат убиени во првиот бран изненадни напади.

Мелман наведува дека Мосад пред околу 20 години ја сменил стратегијата, почнувајќи да регрутира локални агенти во Иран, на кои им биле обезбедени напредна опрема и обука. Овие агенти, според него, било полесно да се регрутираат во Иран, каде дел од населението било незадоволно од владејачкиот режим.

Минатата година Израел бил подготвен да го ликвидира Хамнеи, но тогаш постоела воздржаност од страна на Трамп поради ризикот од регионална ескалација и реакцијата на сојузниците. Во изминатите месеци, според израелски воени претставници, соработката меѓу САД и Израел значително се продлабочила.

Информациите од мрежите на Мосад биле комбинирани со податоци добиени преку пресретнати комуникации од страна на САД, што овозможило прецизно таргетирање и издавање на наредбата за нападот.

Одед Ајлам, поранешен шеф на одделот за борба против тероризмот во Мосад, изјавил дека операцијата траела само 60 секунди, но претставувала резултат на години подготовка. Според него, модерното бојно поле се дефинира со податоци, пристап, доверба и тајминг, а една минута може да ја промени цела регија.

Сепак, поранешен ветеран од ЦИА, цитиран од Гардијан, изразил став дека атентатот бил погрешен од долгорочна стратешка перспектива. Тој посочил дека ликвидацијата на лидер не го решава проблемот, туку создава нов.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни