Гардијан за новата влада во Берлин: Германија не може да си дозволи неуспех на канцеларот Мерц

Многумина стравуваат дека ова би можело да биде последната шанса да се задржи крајно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) под контрола.

Изборот на Фридрих Мерц за канцелар на Германија во вторникот наутро при првото гласање требаше да стави крај на повеќемесечната политичка нестабилност, која произлезе од колапсот на владата на Олаф Шолц пред половина година – што само по себе беше резултат на огорчени судири на врвот, пишува Гардијан.

Многумина стравуваат дека ова би можело да биде последната шанса да се задржи крајно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) под контрола.

Но понижувачкиот резултат од првото гласање, кога Мерц стана првиот кандидат за канцелар кој не успеал да обезбеди потребно мнозинство во Бундестагот од Втората светска војна наваму, беше лош почеток.

Се претпоставуваше дека Мерц ќе добие поддршка уште при првото гласање, но наместо тоа, се побунија колеги од неговата коалиција. Само 310 од 328 пратеници од коалицијата го поддржаа, што е помалку од потребните 316. При второто гласање неколку часа подоцна, доби поддршка од 325 пратеници.

Сепак, иако тоа беше политичка бомба, првото гласање само го разоткри основниот проблем. Сојузот меѓу конзервативците на Мерц и социјалдемократите се нарекува „голема коалиција“, но во пракса е многу слаб и нема реална алтернатива ако се распадне.

Лидерката на AfD, Алис Вајдел, не ја сокри својата возбуда по дебаклот во Бундестагот, повикувајќи на вонредни избори.

Нејзината партија, која германската внатрешна разузнавачка служба официјално ја прогласи за екстремистичка, го освои второто место на вонредните избори во февруари и оттогаш е на прво место во некои анкети.

Загриженоста се однесува на појава на токсичен циклус. Како што опаѓа поддршката за центристичките партии, тие се принудени да се приближуваат една до друга – што дополнително ја зајакнува перцепцијата дека тие се една хомогена целина која задушува каква било нова иницијатива насочена кон вистинските потреби на обичните гласачи, тргувајќи со влијание за да постигнат незадоволителни компромиси.

Тоа, пак, може дополнително да ја намали поддршката, бидејќи гласачите можат да заклучат дека екстремната десница претставува единствена вистинска шанса за промени. Никој не тврди дека ова е уникатно за Германија, но подемот на AfD ја прави ситуацијата особено опасна, а историјата на земјата – дополнително вознемирувачка.

Политичкиот систем кој беше дизајниран да обезбеди стабилност влезе во нова, непредвидлива ера. Внатрешните борби на Мерц дополнително се влошуваат од бурата што доаѓа од другата страна на Атлантикот.

Администрацијата на Трамп отворено ја поддржува AfD и ја поткопува германската влада. Американските царини ја загрозуваат веќе ослабената економија. Распадот на американските безбедносни гаранции се надвиснува над целиот континент.

Во тој контекст, положувањето на заклетва на Мерц како канцелар беше дочекано со отворено олеснување низ Европа. Најдобар можен исход би бил шокот од вторник да го натера новиот канцелар и членовите на неговата коалиција да ги преиспитаат своите ставови. Решавањето на нивното незадоволство ќе бара емпатија, суптилност и вештина – нешто што тој сè уште не го покажа.

Неговата остра реторика, во комбинација со политичка флексибилност, често го правела арогантен наместо прагматичен.

Одлуката да ги укине ограничувањата за задолжување со цел да се зголемат трошоците за одбрана беше неопходна, но дојде како ненадеен пресврт што ги разлути членовите на неговата Христијанско-демократска унија.

Ослонувањето на гласовите на AfD за донесување резолуција за безбедноста на границите беше сериозна грешка која го прекрши поствоениот табу за соработка со крајната десница.

Малкумина го сметаат за идеален лидер за овој опасен момент – што го покажуваат и лошите резултати во анкетите. Но со толку многу на коцка, Германија не може да си дозволи неуспех на новиот канцелар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни