Фестивалот, кој секој јули се одржува во Нови Сад, го организираат уште од 2000 година студенти-активисти кои беа дел од протестното движење што придонесе за падот на режимот на Слободан Милошевиќ. Иако ужива статус на водечки европски фестивал со пристапни цени и ангажиран општествен профил, организаторите објавија дека овогодинешното, 25. јубилејно издание кое ќе се одржи од 10 до 13 јули, ќе биде последно што ќе се организира во Србија.
Причината за тоа, како што се наведува, се „недемократските притисоци“ од владата на претседателот Александар Вучиќ. Егзит на социјалните мрежи јавно ги поддржа студентските барања, донираше храна и вреќи за спиење за демонстрантите и најави дека оваа година ќе постави бина посветена на студентите.
Според Гардијан, државата му ускратила на фестивалот 1,5 милиони евра во грантови за туризам, а дел од спонзорите се повлекле. Основачот на фестивалот, Душан Ковачевиќ, вели дека единствениот начин Егзит да продолжи би бил да се откаже од својата независност, што, како што истакнува, нема да се случи.
„Ова не е патот по кој треба да се оди, особено не во земја со политичка историја каква што има Србија“, изјави Ковачевиќ.
Тој најави дека се водат разговори за одржување на фестивалот во друга земја под името „Егзит во егзил“ од 2026 година, при што интерес изразиле неколку држави – вклучувајќи Германија, земји од Балканот и Египет.
На прашањето дали Егзит засекогаш ќе ја напушти Србија, организаторите одговориле: „Прерано е да се каже дали фестивалот ќе се врати и под кои услови.“
Српската влада, според Гардијан, не дала коментар на објавените информации.