Секое потрошена евро таму не е трошок, туку инвестиција во среќа. Гардаланд е доживување што останува во срцето.
Секоја година низ италијанскиот „Дизниленд“ поминуваат три милиони луѓе, а оваа одлична дестинација привлекува толку голем број посетители поради својата разновидна понуда.

50 години игра и фантазија
Оваа година паркот слави половина век постоење. И не застанува – напротив, продолжува да расте, да изненадува и да нуди нови авантури. Новата „Animal Treasure Island“ е водена авантура со дваесет сцени, полни со ликови и скриени богатства. А новата „Dragon Empire“ носи дух од Ориентот – со светла, танц, змејови и една цела атмосфера на вечна прослава.

За секого по нешто
Од адреналински возења што ја креваат кожата (Raptor, Oblivion, Shaman) до волшебни зони како Peppa Pig Land и Fantasy Kingdom – Гардаланд е дизајниран да понуди доживување за сите генерации. Без оглед дали си љубител на екстремни авантури или едноставно сакаш прошетка со волшебна музика во позадина – тука секој го наоѓа своето „време“.

Најголема атракција за зависниците од адреналин е тобоганот наречен „Blue Tornado“. Тоа е еден од најбрзите тобогани во паркот, на кој за време на возењето се тркате со над 80 km/h, постојано се вртите наоколу и чувствувате лажни судири со земјата. Уште еден ролеркостер, кој не смее да се пропушти, е „Мамут“. „Возот на смртта“ навистина остава без здив, иако на прв поглед изгледа сосема безопасно. Неизбежни се пискотниците и врисоците.

Не треба да се пропуштат ниту „Jumanji Adventure“ и „Pirate Island“. Ќе патувате низ времето, а на моменти ќе ги исплашите чудовиштата околу вас, мечот на еднооки пирати и сето тоа ќе го доживеете како да сте во тој „филм“. Тука е и „Летечкиот остров“, кој како балон ве крева и имате феноменален панорамски поглед на паркот, но и најголемото езеро на Апенинскиот полуостров, Лаго ди Гарда.

Веднаш до Гардаланд има и голем аквариум „Sea Life“, каде што можете да видите голем број морски суштества во подводен тунел. Посебно искуство е тоа што над вашите глави пливаат зраци и ајкули.

Што се однесува до работното време, паркот е затворен во текот на зимските месеци, освен за некои празници.
Сè е под конец
Да, има редици. Но тоа не пречи. Затоа што организацијата е беспрекорна. Сите чекаат, никој не влетува „преку ред“, нема врски, нема хаос. Сè функционира – како по ноти. Луѓето се насмеани, трпеливи, и можеби токму тоа чувство на ред и почит е она што најмногу фасцинира.

Волшебни места за одмор
Во срцето на паркот, под сенката на магијата, се наоѓа ресторанот „Мерлин“. Со декорација што потсетува на Легендата за мачот во каменот – вистински кулис од бајка. Таму кафето има вкус на детство, а пицата на италијанска фантазија.
Потребни се два дена, најмалку
Да го прошеташ целиот Гардаланд и да ги пробаш сите игри не е можно за еден ден. И тоа е најубавиот дел – што сакаш да останеш. Сакаш уште. Бидејќи сè е толку детално, толку креативно и вложено со душа, што ти е жал да заминеш.

И тогаш се враќаш во Скопје…
И сфаќаш дека нашата метропола, колку и да сакаме да ја сакаме, боледува. Боледува од заборав. Од незаинтересираност. Од неодговорност. Веќе со години, Луна паркот стои затворен – како спомен на нешто што можеше, а не било. Без ниеден вистински обид да се направи модерен, безбеден, иновативен забавен парк за деца и семејства.
Во еден град со над половина милион жители, нема ниту еден забавен парк. Ниту за децата, ниту за младите, ниту за семејствата. Ништо. И тоа не е прашање на пари – туку на приоритети. На визија. На љубов кон граѓаните.
Гардаланд не треба да биде само дестинација на мапата. Треба да биде инспирација. Потсетник дека радоста, играта и фантазијата не се луксуз – тие се потреба. А додека ние чекориме по европските паркови и се восхитуваме, нашите деца растат без простор за соништа.