Од локалната сцена во Македонија до најголемите светски фестивали приказната на Галоски е редок пример за артист од Балканот кој со својот звук успеа да влезе во елитното друштво на светската електронска музика. Неговото последно издание беше премиерно пуштено на „Tomorrowland“ од Swedish House Mafia, а кратко потоа и од еден од највлијателните диџеи денес — Solomun.
Во интервју за Трн, Галоски зборува за патот до интернационалниот успех, инспирацијата зад неговата музика, состојбата на електронската сцена дома и во светот, како и за неговата улога во музичката машинерија на Tomorrowland и соработката со David Guetta.

Трн: Tвојата нова песна „MOVE“ излезе на Superhuman – издавачката куќа на Swedish House Mafia, се искачи на првото место на 1001Tracklists Trending Chart и доби поддршка од имиња како Tiësto, David Guetta и Martin Garrix. Како го доживуваш овој момент и што значи ваквиот одек за тебе како артист? Како дојде до таа соработка и што значи тоа за тебе?
Галоски: Да се биде дел од издавачката куќа на Swedish House Mafia е голем успех за секој артист во електронската музичка сцена, особено кога доаѓаш од Македонија. Тоа е печат дека твојата музика допира на интернационално ниво и дека си препознаен од луѓе кои ја дефинираат сцената.
Трн: Кој беше најголемиот предизвик на тој пат?
Галоски: Целта отсекогаш ми била музиката што ја создавам да се изведува на најголемите светски фестивали Tomorrowland, Ultra Music Festival, Exit и други. Тоа што некогаш беше сон, веќе со години е реалност.
Трн: Како би го опишал твојот звук денес и што најмногу те инспирира?
Галоски: Мојот звук е енергичен, но во исто време и емотивен. Сакам публиката да го почувствува истото што јас го чувствувам додека ја креирам музиката. Не е права линија има подеми и падови, кулминации и моменти на смирување, исто како во моите диџеј сетови.
Трн: Какво е чувството кога Solomun ќе пушти твоја музика?
Галоски: Тоа е момент кога знаеш дека си постигнал нешто како артист. Кога Solomun пушта твоја трака, тоа е дополнителна мотивација и инспирација да продолжиш да создаваш уште подобра музика.
Трн: Што следува по овој проект?
Галоски: Веќе имам неколку завршени песни. Една од нив беше премиерно емитувана во радио-емисијата на Tiësto, а засега само тој ја има и ја пушта. Официјалното издание беше на 27 февруари, а мојот роденден е на 28 убав симболичен момент.
Трн: Како ја гледаш електронската сцена денес — што ѝ недостасува?
Галоски: На интернационално ниво, електронската музика е на својот најголем пик. Социјалните мрежи овозможуваат сè да биде достапно — настапи, видеа, нови изданија. Така музиката побрзо се шири и допира до нова публика.
Трн: А каква е состојбата на домашната сцена?
Галоски: Домашниот маркет е во пораст. Младите денес се многу поинформирани и отворени кон електронската музика, најмногу благодарение на интернетот и социјалните мрежи. Македонија отсекогаш имала квалитетна публика и силна клубска сцена. По ковид-периодот имаше мала стагнација, но сега повторно се движиме во добар правец.
Трн: Ни кажа дека соработуваш директно со Tomorrowland. Што точно подразбира тоа?
Галоски: Веќе повеќе од две години работам како советник за музички изданија на Tomorrowland. Тие имаат сопствена издавачка куќа, а јас соработувам со 81 од топ 100 диџеи во светот на нивните изданија, како маркетинг и промоција.
Трн: На што работиш во моментов?
Галоски: Моментално работам на новото издание на David Guetta. Во рок од 30 дена, две негови изданија на кои работев стигнаа до број еден на светските топ-листи за клубска музика.
