Галичник Филм Фестивал 2025: 35 филмови под отворено небо во срцето на Бистра (1–3 август)

Од 1 до 3 август 2025, Галичник Филм Фестивал носи 35 селектирани филмови од целиот свет. Уникатна локација, моќни приказни и магија под ѕвезди.

Галичник Филм Фестивал го најавува своето шесто издание, кое ова лето ќе донесе 35 внимателно одбрани филмови од целиот свет во – Галичник.

Од 1 до 3 август, во срцето на планината Бистра, фестивалот ќе биде место на среќавање за автори и публика, за смели идеи и длабоки емоции, за традиција и современост. Оваа година, програмата ќе понуди филмови што го преиспитуваат светот, што допираат длабоко, што зборуваат гласно – и тивко.

„Галичник не е само локација – тоа е став, историја и инспирација што се прелива на големо платно,“ вели директорката на фестивалот, Јана Пауноска. „Горди сме што токму тука ги прикажуваме овие 35 филмови – на место каде што секој камен има приказна, а секој залез изгледа како последен кадар.“

Фестивалот годинава се случува без поддршка од агенција на филм, но со огромна верба – во филмот, во местото, и во луѓето што не се откажуваат.
Галичник повторно станува филмска зона – меѓу камените куќи, ехото од “Тешкото”, и погледи што не се купуваат – благодарение на пријатели, фирми со слух и поддржувачи кои веруваат дека на културата не и треба дозвола за да постои.

Галичник Филм Фестивал продолжува да ја шири културата надвор од урбаните центри и да создава простор каде автентичниот авторски глас блеска. Во амбиентот на амфитеатарот кај Упија, под отвореното небо и меѓу старите дрвја, филмот оживува со посебна топлина и магична енергија.

Целосната програма е биде објавена на[www.galichnikfilmfestival.com]

Галичник е филм што не престанува
Ова лето, дојдете таму каде што филмот дише на чист воздух.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни