„Галерија под отворено небо“ ја приближува уметноста до секојдневието

Уметноста и уметниците секојдневно наоѓаат начини како да допрат до обичниот човек и таа да стане видлива за поголем број луѓе. Со еден иновативен начин на изложување кој е прв и единствен кај нас, Драганчо Таневски, се обидува токму тоа – да ја направи уметноста достапна за сите.

„Галерија под отворено небо‟ – Чашка е негова иницијатива кој како локален интердисциплинарен уметник ја почуствувал потребата за пласирање на ликовната уметност во Општина Чашка. „Со поддршка на „Центарот за современи уметности‟ – Скопје и „Фондација отворено општество Македонија‟ ја создадоа „Галерија под отворено небо‟ преку која директно ја носат  уметноста пред граѓаните на Општина Чашка. Уникатност на галеријата е тоа што излегува од рамките на затворените галериски простории и се вклопува во јавниот простор со цел да биде подостапна и по видлива уметноста“, вели Драганчо.

Илустрација на Бранкица Јордановска

,,Галерија под отворено небо“ ќе биде поставена во центарот на н.Чашка поточно на ѕидната површина на детската градинка ,,Бамби“ која гледа кон плоштадот, тоа е  најчесто збирно место на сите генерации.

 Свеченото отварање на галеријата ќе биде на 3 јуни со почеток од 18 часот,  пропратено со групна изложба на која ќе земат учество: Бранкица Јордановска, Сали Ертунч, Ана Спасова, Ана Трајковска,  Доротеј Нешовски, Сања Симоска, Ѓоше Манчев, Ивана Самандова, Елена Димова Пантелиќ и Драганчо Таневски.

Трн: Дали сметате дека ваквиот тип на изложување е вистинскиот и е правец кон кој и понатаму ќе се придржувате?

Драганчо: Лично како уметник сакам да експериментирам не само во моето творештво туку и во начинот на изложување на делата. Затоа не се придржувам само кон еден начин на изложување на моите дела. Во Општина Чашка немаме други галериски и културни простории па затоа дојдов до идејата за ваков тип на галерија кои се многу ретки а кај нас единствен, барем колку што сум запознаен јас.

Трн: Дали уметноста ако се стави во затворен простор  добива ограничена публика?

Драганчо: Малку покомплесно прашање, изложбите и галериите постојано се посетени од истата публика, постојано се среќаваме истите луѓе (плус неколку, минус неколку). И не е во суштина проблем просторот што е затворен едноставно луѓето немаат интерес, имаат обврски, далеку живеат, се наоѓаатво друг град… и постојано имаат изговори. Со ваков тип на галерија им ја пласираме директно уметноста не можат да ја промашат, постојано минуваат тука  и ќе застанат, ќе ги заинтересира; што е ова што се шаренее на ѕидов? нешто има?  Ние луѓето сме доста љубопини и затоа мислам дека ваквиот начин на изложување ќе допре до поголем број на публика. Ова е прва изложба од ваков тип и уметниците кои се вклучени во неа со радост ја прифатија поканата.

Бранкица Јордановска, визуелен уметник, костимограф, илустратор и културен активист, за ТРН сподели: „Илустрација со наслов ,,self control” е делото со кое ќе се претставам во Чашка. Овој тип на изложување мислам дека треба да се практикува почесто и дека не треба да се чека поддршка од државата и институциите, затоа што таа поддршка може и не мора да стаса. Културата е секогаш на последно место. Затоа треба сами да си ги превземеме работите во свои раце и да го искористиме секој простор и прилика да се изразиме, излеземе и допреме до оние кои ја почитуваат и вреднуваат уметноста ( во било каква форма )“.

Ертунч Сали, страстен уметник, дизајнер и графичар бидејќи годинава се стокмил со нов таблет, имал можност и време да го истражи таблетот како цела нова сфера на уметничко изразување. „Дигиталната уметност ми овозможи голема слобода со лесниот пристап до поголема палета, разни техники и можноста за зумирање во детали. Ми стана како тик – кога работам конвенционална техника, тогаш зумирам, но потоа се соочувам со реалноста. Отсекогаш сум сакал проекти од овој карактер, кои се отстапуваат од галериските простории и стануваат поблиски до луѓето. Ако пораката на дизајнот треба да се соодвествува со брзината на животот, тогаш уметноста може истата да ја успори и да го привлече гледачот во светот на другиот човек – уметникот. Најчесто тој обид е големо разочарување во градските простории, но неколку примери го покажуваат обратното.“- го пренесува Сали своето исксутво.

„Проектот во Чашка да биде пример за другите македонски градови и да ја привлечат уметноста поблиску до секојдневниот живот. Мојата инспирација доаѓа од секојдневниот живот, тогаш  зошто улицата да не ми биде галерија“- дополнува уметникот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни