Уметноста и уметниците секојдневно наоѓаат начини како да допрат до обичниот човек и таа да стане видлива за поголем број луѓе. Со еден иновативен начин на изложување кој е прв и единствен кај нас, Драганчо Таневски, се обидува токму тоа – да ја направи уметноста достапна за сите.
„Галерија под отворено небо‟ – Чашка е негова иницијатива кој како локален интердисциплинарен уметник ја почуствувал потребата за пласирање на ликовната уметност во Општина Чашка. „Со поддршка на „Центарот за современи уметности‟ – Скопје и „Фондација отворено општество Македонија‟ ја создадоа „Галерија под отворено небо‟ преку која директно ја носат уметноста пред граѓаните на Општина Чашка. Уникатност на галеријата е тоа што излегува од рамките на затворените галериски простории и се вклопува во јавниот простор со цел да биде подостапна и по видлива уметноста“, вели Драганчо.

,,Галерија под отворено небо“ ќе биде поставена во центарот на н.Чашка поточно на ѕидната површина на детската градинка ,,Бамби“ која гледа кон плоштадот, тоа е најчесто збирно место на сите генерации.
Свеченото отварање на галеријата ќе биде на 3 јуни со почеток од 18 часот, пропратено со групна изложба на која ќе земат учество: Бранкица Јордановска, Сали Ертунч, Ана Спасова, Ана Трајковска, Доротеј Нешовски, Сања Симоска, Ѓоше Манчев, Ивана Самандова, Елена Димова Пантелиќ и Драганчо Таневски.
Трн: Дали сметате дека ваквиот тип на изложување е вистинскиот и е правец кон кој и понатаму ќе се придржувате?
Драганчо: Лично како уметник сакам да експериментирам не само во моето творештво туку и во начинот на изложување на делата. Затоа не се придржувам само кон еден начин на изложување на моите дела. Во Општина Чашка немаме други галериски и културни простории па затоа дојдов до идејата за ваков тип на галерија кои се многу ретки а кај нас единствен, барем колку што сум запознаен јас.
Трн: Дали уметноста ако се стави во затворен простор добива ограничена публика?
Драганчо: Малку покомплесно прашање, изложбите и галериите постојано се посетени од истата публика, постојано се среќаваме истите луѓе (плус неколку, минус неколку). И не е во суштина проблем просторот што е затворен едноставно луѓето немаат интерес, имаат обврски, далеку живеат, се наоѓаатво друг град… и постојано имаат изговори. Со ваков тип на галерија им ја пласираме директно уметноста не можат да ја промашат, постојано минуваат тука и ќе застанат, ќе ги заинтересира; што е ова што се шаренее на ѕидов? нешто има? Ние луѓето сме доста љубопини и затоа мислам дека ваквиот начин на изложување ќе допре до поголем број на публика. Ова е прва изложба од ваков тип и уметниците кои се вклучени во неа со радост ја прифатија поканата.

Бранкица Јордановска, визуелен уметник, костимограф, илустратор и културен активист, за ТРН сподели: „Илустрација со наслов ,,self control” е делото со кое ќе се претставам во Чашка. Овој тип на изложување мислам дека треба да се практикува почесто и дека не треба да се чека поддршка од државата и институциите, затоа што таа поддршка може и не мора да стаса. Културата е секогаш на последно место. Затоа треба сами да си ги превземеме работите во свои раце и да го искористиме секој простор и прилика да се изразиме, излеземе и допреме до оние кои ја почитуваат и вреднуваат уметноста ( во било каква форма )“.
Ертунч Сали, страстен уметник, дизајнер и графичар бидејќи годинава се стокмил со нов таблет, имал можност и време да го истражи таблетот како цела нова сфера на уметничко изразување. „Дигиталната уметност ми овозможи голема слобода со лесниот пристап до поголема палета, разни техники и можноста за зумирање во детали. Ми стана како тик – кога работам конвенционална техника, тогаш зумирам, но потоа се соочувам со реалноста. Отсекогаш сум сакал проекти од овој карактер, кои се отстапуваат од галериските простории и стануваат поблиски до луѓето. Ако пораката на дизајнот треба да се соодвествува со брзината на животот, тогаш уметноста може истата да ја успори и да го привлече гледачот во светот на другиот човек – уметникот. Најчесто тој обид е големо разочарување во градските простории, но неколку примери го покажуваат обратното.“- го пренесува Сали своето исксутво.

„Проектот во Чашка да биде пример за другите македонски градови и да ја привлечат уметноста поблиску до секојдневниот живот. Мојата инспирација доаѓа од секојдневниот живот, тогаш зошто улицата да не ми биде галерија“- дополнува уметникот.