Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Г7 на последниот ден од состанокот во Нијагара, на канадско-американската граница, истакнаа дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина и да вршат притисок врз Русија, а Отава објави нови санкции кон Москва.
На денешниот состанок присуствуваше и шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха, кој ја повика Г7 да продолжи да вложува во производство на ракети и дронови и во против воздушната одбрана на Украина.
Украина сака да види крај на војната што е можно побрзо. Рускиот претседател Владимир Путин и понатаму се залажува, мислејќи дека може да победи, истакна Сибиха.
Канада денеска воведе нови санкции кон Русија насочени кон производството на дронови и приходите од извозот на гориво. Со санкциите опфатени се 13 поединци и 11 ентитети.
Неколку руски ентитети специјализирани за течен природен гас исто така се санкционирани, бидејќи Русија продолжува да се потпира на приходите од енергенсите за финансирање на својата агресија врз Украина. Санкциите, исто така се насочени кон 100 бродови на руската тајна флота за извоз на енергенси, се наведува во соопштението.
САД, ЕУ и Велика Британија веќе воведоа слични санкции.
– Канада ќе продолжи да го зголемува притисокот преку санкции во координација со своите сојузници и партнери сè додека Русија не ја заврши својата неоправдана инвазија на Украина, изјави канадската министерка за надворешни работи Анита Ананд.
Претставници на Австралија, Бразил, Индија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Мексико и Саудиска Арабија беа поканети на овој втор годишен состанок на министрите на Г7.
На денешниот состанок се разговараше и за американските операции во борбата против трговијата со дрога во Карипско Море и Пацификот, војната во Судан и ситуацијата во Појасот Газа беа исто така на дневен ред за време на билатералниот форум.
Изминатите денови денови, САД извршија серија напади во Карипско Море врз бродови, за кои тврдат дека превезуваат дрога. Во американските операции убиени се 76 лица.
На состанокот Италија ја иницираше темата за Судан, со цел да ја нагласи важноста од зголемување на протокот на хуманитарна помош за африканската држава, каде во граѓанската војна загинаа десетици илјади луѓе, а околу 12 милиони луѓе се раселени.
– Г7 инсистира на добивање мандат од Советот за безбедност на ОН за да се обезбеди брзо спроведување на мировниот план за Појасот Газа, изјави германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул.
