Очекувањата за претстојниот самит на Г20 викендов во Јоханесбург значително се намалија откако уште двајца лидери — претседателите на Аргентина и Мексико — го откажаа своето присуство. Со ова, бројот на отсутни шефови на држави од групата се искачува на шест, вклучувајќи ги САД, Русија и Кина.
Аргентинскиот претседател Хавиер Милеи ќе го замени министерот за надворешни работи Пабло Кирно, додека мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум останува во земјата поради „домашни обврски“. Само 13 од 19-те лидери на Г20 ќе бидат физички присутни во Јужна Африка.
Пред извесно време и кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин најавија дека нема да присуствуваат на самитот — Си ќе го претставува премиерот Ли Чијанг, додека Русија ќе биде застапена на уште пониско ниво од претходните години, преку заменик-шефот на претседателската администрација, Максим Орешкин.
Најголем удар сепак доаѓа од Соединетите Американски Држави. Претседателот Доналд Трамп одлучи целосно да го бојкотира самитот, обвинувајќи ја владата на Јужноафриканската Република за „прогонување на бели земјоделци“ и „незаштитена безбедност“. Белата куќа потврди дека нема да испрати никаква делегација, иако претходно беше разгледувана можноста присутен да биде потпретседателот Џ.Д. Венс.
Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса до последен момент се надеваше дека Трамп ќе го промени ставот, но безуспешно. Со отсуството на САД, Русија, Кина, Аргентина и Мексико, самитот ќе се одржи со значително намалена тежина.
Од германската влада проценуваат дека не треба да се очекуваат големи резултати: разликите меѓу државите-членки се „суштински“, а заедничка завршна декларација е неизвесна. Канцеларот Фридрих Мерц сепак ќе присуствува и ќе се залага за зачувување на основните координациски механизми на групата.
Интересно е што САД веќе потврдија дека следната година ќе се вратат на масата — Трамп ќе биде домаќин на Г20 и веќе го избра местото: неговиот сопствен голф-комплекс „Дорал“ кај Мајами, што дополнително ја отвора дебатата околу политичката симболика и личните интереси во глобалната дипломатија.
