На самитот на лидерите на Групата 20 во Јоханесбург денес беше усвоена декларација за климатската криза и други светски предизвици, и тоа без учество на САД. Потегот висок претставник на Белата куќа го опиша како „срамотен чин“.
Портпаролот на јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса изјави дека текстот на декларацијата, кој содржи формулации што Вашингтон ги одбива, не е предмет за повторни преговори. „Работевме цела година на нејзиното финализирање, а минатата недела беше особено интензивна“, додаде тој, пренесува CNN.
Претставници на делегациите потврдија дека нацрт-документот бил подготвен уште во петокот, без присуство на американски претставници. Во текстот се нагласува сериозноста на климатските промени и потребата земјите да се прилагодат побрзо, се пофалуваат амбициозните цели за користење обновлива енергија, а истовремено се укажува и на економскиот товар што климатските последици го носат за сиромашните држави.
Токму споменувањето на климатските промени било неприфатливо за администрацијата на Доналд Трамп, која отворено се спротивставува на научниот консензус дека глобалното затоплување е предизвикано од човечки активности. Американските претставници уште претходно најавија дека ќе блокираат секој документ што го содржи овој термин.
Во своето воведно обраќање, Рамафоса истакна дека постои „огромен консензус“ за неопходноста да се усвои декларацијата и предупреди дека не треба да се дозволи ништо да го потцени значењето и угледот на првото африканско претседавање со Г20.
САД го бојкотираа самитот во Јоханесбург откако претседателот Трамп тврдеше дека црнечкото мнозинство во Јужна Африка ја угнетува белата заедница. На средбата не присуствуваа ниту лидерите на Кина и Русија, но од различни причини.
Следната година САД ќе бидат домаќини на самитот Г20. Рамафоса изјави дека е принуден да го предаде ротирачкото претседателство „на празно столче“, алудирајќи на недостигот од американско присуство и соработка.
