Контролите на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) открија сериозни неправилности во користењето боледувања кај вработени во Министерството за внатрешни работи (МВР), при што дури 20 проценти од проверените боледувања биле неправилно издадени.
Анализата, спроведена во втората половина на 2025 година по барање на МВР, опфатила 80 осигуреници со вкупно 514 боледувања. Кај 29 лица биле утврдени неправилности, што претставува околу 37 проценти од контролираните случаи. Вкупно 100 боледувања биле оценети како неуредни.
Контролите откриле и конкретни злоупотреби. Еден вработен во период од година и пол дури четири пати го сменил матичниот лекар за да продолжи со нови боледувања, додека друг користел серија боледувања со различни дијагнози, што укажува на обид за заобиколување на системот.
Проверките опфатиле 105 приватни здравствени установи, најмногу ординации по општа медицина, а неправилности биле утврдени во 29 од нив. Дополнително, контролирани биле и лекарски комисии, при што пропусти се откриени и кај специјалисти во јавниот сектор.
Како што информира директорот на ФЗО, Сашо Клековски, најчест проблем било непочитување на задолжителните дијагностички процедури. Во пракса, тоа значи дека боледувања се издавале без соодветна медицинска потврда, како на пример без рендген снимка за дијагноза како лумбаго.
Дополнителен аларм е што 10 од лицата со утврдени неправилности го смениле матичниот лекар за време на боледувањето – практика која често се поврзува со избегнување контрола. Најголем дел од спорните боледувања биле краткорочни, најчесто до седум дена.
Според структурата, најчести причини за боледување биле: респираторни заболувања (82 случаи),заболувања на мускулно-скелетниот систем (69 случаи) и дигестивни нарушувања (45 случаи).
За утврдените злоупотреби, изречени се казни во вкупен износ од 1,2 милиони денари. Од ФЗО посочуваат дека ова се дел од редовните контроли кои се спроведуваат по барање на институции како МВР, Царина и Министерството за одбрана.
Проблемот, сепак, не е ограничен само на полицијата. Во дел од јавните здравствени установи, во моментот на контролите, дури 20 проценти од вработените биле на боледување, без да биде побарана дополнителна проверка.
Како одговор на овие состојби, ФЗО најавува воведување на нов интегриран систем во соработка со платформата МојТермин. Целта е подобра контрола и целосен увид во боледувањата, особено оние до 15 дена кои моментално не се директно достапни за Фондот.
Очекувањата се дека со дигитално поврзување на институциите и построг надзор ќе се намали просторот за злоупотреби и ќе се воспостави поефикасен и транспарентен систем.