Женскиот фудбал во Македонија одамна се соочува со предрасуди дека оваа игра е резервирана само за момчиња. Меѓутоа, фудбалскиот клуб „ЏиЏи“ од Скопје веќе десет години ги руши овие стереотипи, давајќи шанса на стотици девојчиња да ги остварат своите соништа и да станат дел од светот на професионалниот спорт.
Клубот е основан во 2016 година и од тогаш досега низ него поминале повеќе од 250 девојчиња. Тие не само што учествуваат во развојни турнири, туку и редовно се натпреваруваат во Детската лига при Фудбалската федерација на Македонија, дури и против машки екипи.
– Не градиме само фудбалерки, туку градиме силни жени со вистински вредности, вели Снежана Трпевска, тренер фудбалски клуб ЏиЏи и додава:
Токму овие девојчиња што ги гледате сега, верувам дека ќе ги гледаме утре во А репрезентација, а дел од нив и во интернационални клубови. Тие се херои, испишуваат историја, и затоа е важно заедно со нив да ги охрабриме и другите девојчиња кои имаат желба да тренираат, како и нивните родители, да разберат дека фудбалот е избор кој може да го направи секој – и девојчиња и момчиња.

Преку тренинзи на Спортскиот центар Аеродром, клубот нуди добри услови за девојчињата, но и за родителите кои ги поддржуваат своите ќерки. Тренинзите се организираат секоја среда и петок од 18 часот, а викендите се посветени на пријателски натпревари и развој на младинскиот потенцијал.
Снежана Трпевска, како првата жена дипломиран тренер за фудбал во Македонија со УЕФА А лиценца, нагласува дека во минатото девојчињата немале можност да се запишат во фудбалски школи и клубови.
-Беше табу да се зборува за женски фудбал. Девојчињата собираа топки додека момчињата играа. Денес, нашите девојчиња се главни актерки на теренот, вели таа.

Доказ за успехот на клубот се и репрезентативките кои произлегле од него, како и интернационалните трансфери на некои од фудбалерките.
– Ова е трета генерација на наши девојчиња. Нашите фудбалерки привлекуваат овации во Детската лига и докажуваат дека машките не играат подобро фудбал од девојчињата. Фудбалот е за сите“, потенцира Снежана.

Девојчињата од клубот често изразуваат амбиции за кариера на највисоко ниво.
-Кога ќе пораснам сакам да играм во репрезентација“, вели Александра Шапкова која од шест години тренира во клубот.
За малата Дилем Дишо фубалот е повеќе од игра и тоа секако е игра за сите и за машки и девојчиња.
Со тимот на Снежана, женскиот фудбал во Македонија полека се пробива низ стереотипите и ја менува перцепцијата на јавноста. Клубот „ЏиЏи“ е пример дека со вистинска поддршка, образование и упорност, девојчињата можат да ги остварат своите соништа и да станат идни херои на теренот, инспирирајќи нови генерации да веруваат дека спортот не познава полови граници. И токму тука е потребна е женската солидарност и како финасиски поттик и поддршка за сите талентирани девочња кои го следат својот сон на фудбалскиот терен.
