Вечерва од 20.45 часот македонската фудбалска репрезентација го игра претпоследниот меч во квалификциската група за пласман на Светското првенство што следната година се игра во САД, Канада и Мексико.
По огромниот бод на гостувањето во Белгија, Македонија е прва на табелата со 12 бодови, бод, но и натпревар помалку има репрезентацијата на Белгија која вечерва гостува во Велс.
Во таборот на македонската селекција се подготвени за надигрување и освојување на нови три бода.
„Малку ќе се повторуваме, но таква е ситуацијата. Секој натпревар е важен, секој следен е најважен. За нас Казахстан е прв на менито и најважен. Се согласувам дека ќе биде и тоа како тешко. Покажаа и на првиот меч во Астана дека се квалитетни. Сега имаат нов селектор со нова филозофија и ќе биде потешко за анализа и подготовка. Сепак, мислам дека сме подготвени да одговориме на секој предизвик. Се надевам дека сите ќе бидат здрави и подготвени. Ќе одмараме во вторник, а дотогаш се што е потребно за да бидеме успешни веќе се прави. Ќе видиме што ќе ни донесе самиот натпревар. Искрено, никогаш не размислувам за останатите натпревари. Сиот фокус го поставуваме на нашето, како да дојдеме до посакуваните три бода и не се фокусираме на мечот меѓу Велс и Белгија“, изјави селекторот на репрезентацијата Благоја Милевски.
Во следното коло Македонија ќе биде слободна, а во ноември ќе го одигра последниот меч на гости против селекцијата на Велс, меч кој зависно од останатите резултати ќе биде решавачки дали нашите фудбалери ќе се пласираат директно на СП или ќе мора да одиграат бараж натпревари.