Фридрих Мерц: Почетокот на разговорите меѓу Трамп и Путин е добра вест за Украина

Германскиот канцелар Фридрих Мерц ја поздрави иницијативата за мир меѓу Трамп и Путин на самитот на Алјаска, нагласувајќи дека безбедносните гаранции за Украина и единството на Европа се клучни за иднината.

Канцеларот Фридрих Мерц изјави дека самитот на Трамп и Путин на Алјаска имал светли и темни страни. Во изјава за ARD зборуваше и за идните чекори кон мир во Украина и за улогата на Европа.

Одговарајќи на прашањето на новинарката во емисијата на германскиот јавен сервис ARD „Во фокусот“ (Brennpunkt) – како реагирал „на сликите со кои Европа се разбуди: црвен тепих и додворување на заговорникот на војната“, германскиот канцелар Фридрих Мерц рече дека тоа бил „раскошен протокол. Руските медиуми слават. Малку помалку ќе беше сосем доволно“.

Новинарката потоа забележува дека „освен тоа што на Путин му е подигната цената, на овој самит немаше договор без Украина. За тоа лично се боревте последните денови. Но веќе не се зборува за примирје. Трамп и Путин зборуваат само за мировен договор. Тоа значи дека Путин може и понатаму да бомбардира додека не го добие тоа што го сака“.

„Да, продолжи да го бомбардира Киев и за време на разговорите на Алјаска, и тоа само по себе е многу дрско. Но тоа покажува колку очигледно се чувствува сигурен во овој момент“, рече Мерц.

„Сепак, има и светли и темни страни“, продолжи канцеларот, сумирајќи го самитот на американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Анкориџ.

Што беше добро од самитот

„Добро е тоа што Трамп не му направи никакви отстапки на Путин кога станува збор за украинската територија.“ Тоа, како што рече, била „многу критична точка“ во разговорите на Европејците и украинскиот претседател Володимир Зеленски со Трамп пред самитот.

За Мерц е „позитивно изненадување“ што постои американска подготвеност за безбедносни гаранции за нападнатата Украина – заедно со Европејците, и тоа и по завршувањето на војната.

Тоа не беше кажано на прес-конференцијата, туку во разговорите на сојузниците со Трамп по самитот на Алјаска. „Америка останува со нас, и во времето по војната“, рече Мерц и додаде: „Сметам дека тоа е исклучително добро.“

На прашањето како лично го доживеал Трамп за време на видео-вклучувањето со Зеленски и Европејците – по средбата со Путин – Мерц рече дека Трамп бил „многу задоволен од себе“.

Дури и во авионот за Алјаска, американскиот претседател изјавил дека примирјето е „најважната работа“, раскажа Мерц. Сега тоа треба да биде „нешто уште поголемо, односно целосен мировен договор“ – и тоа во најкраток можен рок.

„Сега тоа треба многу внимателно да се следи, како ќе се одвива“, рече Мерц.

Зеленски и Мерц во Берлин, 13.08.2025

Следниот чекор е веќе во понеделник во Вашингтон – средба меѓу Трамп и Зеленски. Мерц рече дека се надева оти разговорот – во протоколарна смисла – ќе биде на многу високо ниво и за претседателот Зеленски.

Според Мерц, на самитот е договорен и тристран разговор меѓу Трамп, Зеленски и Путин – кој исто така треба да се одржи во најкраток можен рок.

„Многу работи се отворени“, рече канцеларот. „Но сепак – разговорите започнаа. И тоа е во секој случај добра вест.“ „Ние го поддржуваме тоа“, рече германскиот канцелар.

„Ние и онака сме во блиска комуникација со Киев“. А и непосредно пред самитот на Алјаска, разговаравме со Трамп, рече Мерц. Уште една добра вест е што американскиот претседател „не отфрли ниту една од точките поставени во тие разговори“. „Добро сме усогласени. Трамп се движи во рамките на таа линија за која разговаравме“, рече Мерц. „Тоа е добар напредок, сметам, и покрај некои вознемирувачки слики“.

„Повеќе дипломатија од изминатите денови навистина не е можно“

Мерц рече дека му е „многу важно Европа да зборува со еден глас. Тоа го постигнавме.“ „Европа треба да продолжи да ги подготвува работите заеднички со Американците. И досега тоа ни успеваше. Пред сè – не смее да има територијални отстапки од страна на Украина пред да се постигне мировен договор. А тој мировен договор е најдоцна точка кога треба да стапат на сила безбедносните гаранции.“

Мерц рече дека има уште многу да се направи, и нагласи дека останува уверен дека со заеднички сили ќе успеат.

А по повод денешниот договор на сојузниците дека треба да се направи уште повеќе, на прашањето како тоа конкретно треба да изгледа, Мерц рече дека станува збор прво за дипломатија: „Повеќе дипломатија од изминатите денови навистина не е можно.

„Но, тоа значи и подготвеност за нови санкции, одржување на постоечките и продолжување на воената поддршка за Украина.“

А и по можниот мировен договор за Украина, „неопходно е ние во Европа конечно да созрееме, да станеме способни за одбрана“, за мирот и слободата на европскиот континент долгорочно да бидат обезбедени – без постојано потпирање на американската помош, рече германскиот канцелар Фридрих Мерц во интервју за германскиот јавен сервис ARD.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни